Денеска е годишнина од атентот врз поранешниот претседател на Македонија, Киро Глигоров. На денешен ден пред 22 години, во 09.50 часот пред хотел „Бристол“ на улица Македонија во Скопје експлодира бомба при што беа повредени две лица, а случаен минувач го изгуби животот. Глигоров заврши со повреди на главата.
И по повеќе од две децении не е решена мистеријата околу атентот на Глигоров, а истражната постапка е се уште отворена.
Поранешниот претседател на Собранието, Стојан Андов, во својата нова колумна за последниот број на „Фокус“, под насловот „Бугарите и Албанците беа главен непријател на македонската тајна служба во 1990-тите“, зборува за сценаријата кои тајните служби на македонското МВР ги лиферувале во јавноста поврзани со атентатот.
Андов вели дека непријателството што тајните служби сакале да го посеат кон Бугарија било видливо и од аферата „Сина птица“ со која се појавиле сомневања за опасност Македонија да биде нападната од терористички групи од „ванчовистите“, кои пак наводно добиле поддршка од 10.000 бугарски војници.
„Инаку, нашиот негативен став кон Бугарија во тоа време за кој немавме објективна причина, не се манифестираше само со аферата „Сина птица“. Три години подоцна, откако беше извршен атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров, дојде до рефлексна реакција на тајните служби, а и на службеното раководство на тогашното министерство за внатрешни работи, кое, без било какви вистински докази, од неразбирливи политички причини, излезе со соопштение дека во организацијата на атентатот врз Киро Глигоров „главна улога“ имала некоја тогашна бугарска фирма – „Мултигруп“. Вистинска истрага за атентатот немаше, ама однапред беше решено гневот на Македонците да се сврти против Бугарија и Бугарите“, вели Андов.
Киро Глигоров, додава тој, не ја одобрувал таа политичка линија на Министерството за внатрешни работи и на тајните служби во него. Неколку месеци подоцна од извори на тајните служби во јавноста се проширила теорија, вели Андов, за т.н.Братиславска врска, со која вината за атентатот се префрли на Албанците.
„И сето тоа, како и првото со Бугарите и Бугарија, не се засноваше ниту на ронка докази. Тоа беа несмасни, но мрачни конструкции на тајните служби. Но, целата работа што ја зготвија тајните служби личеше на наша пресметка со двајцата наши „архи-непријатели“ – Бугарите и Албанците. Кога се сеќавам на тие настани од нашето недалечно минато, наоѓам некои сличности со денешната политика на нашата влада. Признавам дека решеноста да се потпише Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија побуди надеж кај мене дека работите битно се поместуваат во позитивен правец и дека оние стари стереотипи, заблуди и заплашувања ги оставаме на минатото. Сличен впечаток ми оставаат и обидите на Заев да ги релаксира и внатрешните односи меѓу Македонците и Албанците“, пишува Андов во својата колумна.
Тој смета дека е потребно побрзо да се направат подготовки и од двете страни да се изврши ратификација на нашиот договор со Бугарија и што поскоро да се заврши постапката за донесување на законот за употреба на јазиците.
„На Македонците треба да им е јасно дека ако секој од нив има пријател Албанец ќе биде посигурен и со појасна перспектива и тој и неговото семејство и целото општество, а тоа важи и за Албанецот. А ако има непријател Албанец, тогаш ќе се изложува на многу поголеми опасности. Според тоа, Албанецот како пријател за Македонецот е дополнителна сила, Албанецот како непријател за Македонецот е дополнителна опасност, и за едниот и за другиот. Слична е состојбата и меѓу Македонците и Бугарите. Од тоа убедување треба да се раководиме и во политиката и во секојдневниот живот. Само ако таа политика на Заев биде поддржана со убедливо мнозинство од граѓаните на Република Македонија ќе престанат причините за внатрешна нестабилност на земјата, а ќе ги совладуваме и причините за нашата меѓународна изолација“, ја завршува Андов својата колумна.