Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска ја прими амбасадорката на САД Ангела П. Агелер.
Во фокусот на разговорите беа проектите, активностите и целите на Министерството за дигитална трансформација. “Нашата заложба за дигитализација не е само технички проект; тоа е дел од нашата стратегија за изградба на почесно и поодговорно општество во служба на граѓаните”, истакна Андоновски на средбата.
Соговорниците се согласија дека безбедносните предизвици во сајбер просторот се сериозна закана за постојниот меѓународен поредок. Воедно, беше нагласена потребата од заеднички пристап и стратешка размена на информации и искуства особено меѓу НАТО сојузниците, во насока на успешно справување и надминување на сајбер заканите кои стануваат сѐ побројни, поразновидни и пософистицирани.
Беше потенцирана отвореноста на САД за соработка и продолжување на спроведувањето на реформите и системските мерки, кои се од огромна важност за дигитална трансформација на процесите во државата.
„Дигитализацијата не е само технологија; таа е алатка за транспарентност, отчетност и ефикасност. Со воведувањето на електронски услуги и дигитални системи, можеме да ги елиминираме многу од точките каде што корупцијата најчесто се јавува. Дигиталната трансформација на процесите е важен елемент во справувањето со корупцијата”, беше заклучено на средбата од страна на соговорниците.