Во изјава за медиумите, откако беше потврден птичји грип кај гуска во Зоолошката градина во Скопје, дректорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска кажа дека епидемиолозите ќе издадат решение за 4 вработени во зоолошката да одат под здравствен надзор.
„Во текот на вчерашниот ден извршена е брза и навремена реакција од страна на надлежните институции, согласно законските прописи и протоколи. Имено, веднаш по дојавата од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство до Институтот за јавно здравје дека постои веќе потврден лабораториски испитан случај на живина од зоолошката градина во Скопје, за постоење на птичји грип, веднаш е организиран итен состанок помеѓу претставници од АХВ, епидемиолози од ЦЈЗ, како и епидемиолози од ИЈЗ. На тој состанок, добиена е листа од 16 лица кои се вработени во зоолошката градина и веднаш е започната епидемиолошка анкета.
Од податоците кои ги добив од страна на епидемиолозите кои ја извршуваа анкетата, од 16 луѓе од листата, исконтактирано е со 15 лица од истата. Во текот на денешниот ден ќе се направат напори да биде исконтактирано и последното лице. Во однос на веќе исконтактираните 15 лица, епидемиолозите во текот на утрешниот ден ќе издадат решение за 4 од овие лица да одат под здравствен надзор. Ќе се следат и останатите, но официјално под надзор ќе бидат ставени овие 4“, кажа Андоновска.
Таа објаснуи дека „здравствен надзор не подразбира карантин и изолација, туку во следните две недели овие 4 лица ќе бидат следени дали ќе пројават било каков симптом којшто понатаму би се испитувал дали се работи за птичји грип. Секојдневно ќе бидат контактирани од епидемиолози од ИЈЗ и ќе се следи нивната здравствена состојба“.
„Едно од овие лица на 18-ти имало некакви симптоми кои траеле еден ден, а тоа е: температура и дијареа што не значи дека тоа лице има птичји грип. Тоа лице ќе биде тестирано оти препораките од страна на епидемиолозите и микробиолозите е по појавата на првите симптоми во рок од 5 дена да се направи тестирање“, вели директорката на институтот.