Од Владата денеска укажаа дека поради дополнителната оптовареност што се очекува на енергетските производни капацитети, од временските услови и од зголемената потрошувачка на струја, во наредниот период се можни неочекувани испади. Порачуваат дека состојбата се следи и оти за преземените мерки граѓаните навреме ќе бидат информирани.
-Мораме да имаме во предвид дека државата во моментот располага со енергетски капацитети кои се стари повеќе од половина век. Во периодот што следува заради временските услови и заради зголемената потрошувачка на електрична енергија овие производните објекти дополнително ќе бидат оптоварени и можни се неочекувани испади. Состојбата секојдневно се следи и ќе се следи, а за преземените мерки граѓаните навреме ќе бидат информирани, рече денеска на прес-конференција Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот.
Како што соопшти, вчерашниот биланс покажува дека вкупното производство на електрична енергија од ЕСМ изнесува 10.756 мегават часа на електрична енергија од кои 7.800 се произведени во термоелектраните, додека останатите 2.956 од обновливи извори на енергија односно од хидроелектраните и од ветерниот парк.
-Како што беше најавено 2.400 мегават часови се обезбедени од набавката на електрична енергија, рече Андонов.
Повторно апелираше да се штеди струја.
-Граѓаните, компаниите и институции да посветат уште поголемо внимание на штедење на електрична енергија. Да не се опуштаме во периодот што ни претстои. Мораме да бидеме внимателни, одговорни и рационални, порача Андонов.