Андонов: Не знам дали сум нов директор на „Јасен“

by fokus

Еднодневниот министер за внатрешни работи, Оливер Андонов за Фокус ниту потврди, ниту негираше дека е поставен за нов директор на јавното претпријатие „Јасен“.

Порталот А1он објави дека Андонов е поставен за нов директор на шумскиот резерват, само неколку дена откако неделникот Фокус објави дека едно од сценаријата кои ги разгледува власта за спас на своите поранешни и сегашни функционери, е токму од ова место да организира апсење на „пучисти“, откако претходно ќе прогласи воена состојба.

„Не знам дали сум поставен за директор, кога ќе добијам документ дека сум именуван тогаш ќе можам да зборам, се дотогаш е се во сфера на шпекулации. Треба да видам, да идам таму да се јавам, некој можеби ме предложил, тие институции функционираат со Управен одбор. Кога ќе добијам таква одлука ќе коментирам“, изјави Андонов за Фокус.

Оливер Андонов на јавноста и стана познат откако стана министер за внатрешни работи на само еден ден, по што си поднесе оставка. Тој беше предложен од Владата како техничко решение, за потоа Митко Чавков, кој дотогаш беше министер да може да биде назначен за директор на Бирото за јавна безбедност. Андонов важи за близок и човек од доверба на партијата ВМРО-ДПМНЕ.

Фокус во петокот објави дека дознава за организирана посета на специјално избран армиски и разузнавачки тим од страна на претседателот и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, на воено-инфраструктурните објекти во шумскиот резерват „Јасен“ која се случила пред Велигден. Средбата имала мисија за нивна подготовка за сместување на Груевски, Иванов и нивните семејства, за евентуално прогласување на воена состојба.

Во „Јасен“ се наоѓа бункер на поранешната ЈНА во кој Иванов подготвува терен за засолнување, доколку прогласи воена состојба под изговор дека се подготвува државен удар.

Воениот штаб и засолништето во „Јасен“ треба да му послужат на Иванов за командување со операцијата на апсење на „пучистите“ откако СДСМ и партиите на Албанците ќе изберат собраниски спикер и влада.

Со реализацијата на едно вакво сценарио, како дел од операцијата би се случиле и апсења, по примерот на Ердоган по ланскиот пуч во Турција. Ако се оствари ова сценарио, планот е прво да се уапсат 30-40 пучисти, меѓу кои и највисоките претставници на опозицијата, а потоа уште 300 или 400 други соработници на опозицијата од граѓанскиот и бизнис секторот и други јавни личности. Дел од сценариото е и контрола врз медиумите но и ограничувања на Интернетот и социјалните мрежи.

К.О.

Поврзани новости