Со почитување на препораките минатиот месец во споредба со истиот месец лани, државните институции успеале да заштедат 24 проценти од електричната енергија. Владата заштедила вкупно 32 отсто на електрична енергија, информираше на денешната прес-конференција Виктор Андонов, соработник на Владата за енергетика.
– Во месец септември, во споредба со истиот месец лани имавме 20 проценти заштедена електрична енергија, а веќе во октомври констатираме дека имаме пораст и тој изнесува 24 отсто во споредба со минатата година, информираше Андонов.
Апелираше дека во текот на овој месец и периодот што следува сите треба да сме максимално одговорни поради пониските температури и како што посочи „да бидеме уште повнимателни во користење на електрична енергија“, со цел да продолжи трендот на намалување на потрошувачката на енергија.
– Секоја заштеда, колку и да е минимална е важна и затоа апелирам сите заедно да заштедиме денес, за да имаме утре. Важни се за стабилен енергетски систем и да ја намалиме оптовареноста, особено сега во зима, додаде владиниот советник за енергетика.