Андонов: Граѓаните да бидат спокојни, цела зима ќе има струја

by fokus

Соработникот за енергетика во Канцеларијата на премиерот, Виктор Андонов на денешната прес-конференција ги соопшти последните информации кои се однесуваат на енергетската состојба во земјата.

Како што истакна, во рамки на заложбите на Владата за подигнување на јавната свест за тоа колку е важно штедењето на електричната енергија, институциите и компаниите се многу важни во овој процес и секој треба да направи мала промена во домот и на работното место, што ќе значи многу за енергетскиот систем.

На прес-конференцијата, соработникот Андонов ги презентираше податоците за направениот пресек од 15 дена, од 15.10.2022 заклучно со 31.10.2022 година и информираше дека за овој период, произведени се вкупно 199.830 мегават часови.

Во истиот овој период продадени се 600 мегават часови вишоци. Со ова, како што подвлече, со домашно производство на електрична енергија во периодот од 15.10.2022 до 31.10.2022 година, 100% се покриени потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.

Андонов го презентираше и дневниот енергетски биланс за 05.11.2022 година и истакна дека на вчерашниот ден се произведени се вкупно 11.360 мегават часови, од кои во термо електраните се произведени 8.242 мегават часови, додека од обновливи извори произведени од ЕСМ во кои се сметаат хидроелектраните и ветерниот парк во Богданци, произведени се 3.118 мегават часови електрична енергија, со што целосно се задоволени се потребите на малите потрошувачи и домаќинствата.

Тој информираше и дека заклучно со крајот на октомври 2022 година, ЕСМ не само што го реализираше својот предвиден план за производство на електрична енергија, туку произведен е и некој гигават час на електрична енергија повеќе од предвиденото.

Андонов упати апел до граѓаните да бидат спокојни, бидејќи финансиските средства се обезбедени, ликвидноста на АД ЕСМ е осигурана и струја ќе има за сите во текот на оваа зима.

Тој ја посочи енергетската транспарентност како врвен приоритет во справување со кризата и е исклучително важен принцип во правец на сочувување на стабилноста на енергетскиот систем.

„Состојбата во цела Европа е комплексна и секоја земја ги бара најоптималните решенија. Нашите позиции се јасни, работиме на зголемување на домашното производство и ги ставаме во погон сите енергетски капацитети во државата. Владата постојано ја следи состојбата на дневно ниво и ќе носи соодветни мерки за ублажување на последиците. Врвен приоритет е да се обезбедат најповолните услови и граѓаните да бидат заштитени“, подвлече Андонов.

Поврзани новости