Директорот на АНБ, Виктор Димовски по прекинот на седницата на собраниската Комисија на која реферираше за давањето држајванство на Украинецот Онишченко во изјава за медиумите рече дека Агенцијата лоцирала одговорност кај поединец вработен во АНБ кој не ја испочитувал процедурата.
-Ако ме прашате зошто толку чекање, мораме да ги почитуваме процедурите: прво да се направи испитување каде затаил системот, ако затаил. Комисијата започна, рефериравме за државјанството на Онишченко. Безбедносните проверки се прават според НАТО стандарди по три нивоа и потребни се потписи од 10 припадници на АНБ. Се оди на терен и се проверува. Потоа доаѓа во Централа каде се врши проверка на четири нивоа. Овие нивоа се завршени, има дадено позитивно мислење дека не постои безбедносен ризик за Онишченко. Констатиравме дека последното ниво кога требало да се направи консултација со членките на НАТО алијансата всушност реално не било спроведено. Лоцирано е лицето кое дало позитивно мислење за ова ниво, без да ги направи консултациите со НАТО партнерите. Сега треба да се утврди дали се работи за пропуст или намера. Ништо не е исклучено, рече Димовски.
К.С.Б.