Премиерот Димитар Ковачевски уверува дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) работи со многу побрзо темпо како на новите барања за државјанство, така и на одговарање на старите барања за државјанство, околу 20 илјади наследени од поранешната УБК.
Ковачевски денеска потенцира дека ќе го информира и директорот на АНБ да го забрза тој процес, бидејќи, како што рече, граѓаните треба што побрзо да ги добиваат тие услуги.
– Ако во тоа време се проверувале и се одговарало на околу 100 барања во тек на месец, сега тоа е зголемено на над илјади одговори во текот на месецот. Дополнително самите проверки сега се посложени со оглед на тоа што сме полноправна земја членка на НАТО и од таа причина проверките се подолги и опфаќаат критериуми и прашалници што е нешто посложени од тоа што било порано, изјави Ковачевски, по посетата на компанијата „Текстил Солушн“, заедно со министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Одговарајќи на новинарското прашање за барањата за државјанство што чекаат во АНБ, премиерот Ковачевски, меѓу другото потенцира дека ако се зборува за зголемување на продуктивноста на работењето во приватниот сектор, тогаш треба да зборувме и за зголемување на продуктивноста во работењето во јавниот сектор.