Анализи од Европа го скратиле работното време на администрацијата во предлог-законот, тврди министерот на ДУИ

by fokus

Скратувањето на работните часови на администрацијата од 40 на 36 часа неделно, со што во петок административците би работеле само до 12 часот е предизборно ветување на ДУИ на последните парламентарни избори, потврди премиерот Зоран Заев кој е против предлогот на Законот за административни службеници, кој е достапен на ЕНЕР (Единствениот национален електронски регистар на прописи).

Од ДУИ не одговорија дали ова е мамка за нивните гласачи пред избори, а на ова прашање не одговори ниту министерот за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири кој е кадар на ДУИ. Во изјава за „Фокус“ тој вели дека драфт законите ЗАС, ЗВЈС и ЗВРС се прикачени во ЕНЕР и се во фаза на собирање на коментари од сите засегнати страни за овој процес.

-Сакам да нагласам дека после 20 дена на ЕНЕР, ќе бидат организирани јавни расправи, на кој ќе бидат поканети вработени во јавниот сектор, вклучувајќи и универзитетската фела, граѓанскиот и меѓународниот сектор. После овие јавни расправи, ќе бидат анализирани сите коментари. При подготвување на овие закони земени се предвид различни анализи подготвени од многу Европски држави, за да го подобрат текстот на законите, коишто во иднина ќе бидат применливи и со коишто ќе ги решиме сите досегашни проблеми. Но, исто така сакам да нагласам дека ефективноста на работата се мери со резултати од работењето и сите успеси при работа, за таа цел да се посветиме на ефективноста и ефикасноста на работните часа, ни изјави Шаќири.

Заев пак изјави дека ова е предизборно ветување на ДУИ, идеја која дошла од граѓаните. – Мојот впечаток е дека, граѓаните очекуваат прво администрацијата којашто ја плаќаат да работи поефикасно, а не помалку ефикасно, тоа се моите очекувања. Но секако кога доаѓаат барањата од граѓаните впишани во одредени програми и мерки, должност е ние да ги претставиме пред народот и народот да се изјасни, рече Заев.

Претседателката на здружението „Гласен текстилец“,  Кристина Ампева не се согласува со овој предлог Закон со образложение дека вработените во приватниот сектор не се ставени во иста положба со вработените од јавната администрација и истите се дискриминирани во делот на работното време и платите.

Професорот по административно право и јавна администрација, Борче Давтиковски смета дека е крајно нерационално е на административните службеници да им се даде скратена работна недела, од она што го предвидува Законот за работни односи според кој работната недела трае 40 работни часови, рамномерно распоредени на пет работни дена.

-Од друга страна, нелогичното произлегува и од фактот што економскиот сектор од кој практично се обезбедува платата на тие службеници, со овие измени ќе работи подолго од администрацијата. Сметам дека причината е лукративна во пресрет на локалните избори и е своевидно додворување на околу 140.000 административци. Сите држави во рамки на реформите што ги прават на администрацијата, предвидуваат поголема достапноста на институциите за да може секој граѓанин да ги заврши своите обврски, а кај нас се прави спротивното – се предлага, службениците во петок по само четири часа работа да си заминат дома, изјави Давитковски за „Локално“.

Во делот на Предлог законот, посветен на посебната должност на административните службеници се предвидува: „Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено“.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости