(АНАЛИЗА) Нано Ружин: Односите меѓу САД и Кина ќе го одредат идниот светски поредок

by fokus

Поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО и професор, Нано Ружин за „Фокус“ направи анализа за она што се случува во Косово, како и за геополитичките случувања и поместувања во светот. Тој вели дека конфликтот меѓу Србија и Косово е всушност заледен конфликт кој меѓународната заедница пробува да го реши, но засега работите одат многу тешко, благодарение на двете страни. Но, за тоа придонесуваат и актуелните геополитички состојби.

Косово не го прифаќа предлогот за создавање Заедница на српските општини, а Србија не исполнува обврски, односно да престане со некои активности околу отстапување од признавањето. За тоа придонесува и актуелната геополитичка состојба. Знаеме дека Србија е се уште недефинирана во однос на украинската криза, иако настојува да биде неутрална, сепак е јасно дека таа е поблиску до Русија. Тоа им пречи на меѓународната заедница и САД. Сите бараат, со оглед на значењето на српската територија, таа да се изјасни во однос на воспоставувањето на санкциите кон Русија. Но, тоа тешко оди во Србија, бидејќи таа, да не заборавиме, беше во еден вид војна во 1999 година. Токму овие сили кои сега настојуваат да ја приволат да дојде на нивна страна, но Србија не сака ниту да чуе за НАТО, вели Ружин.

Според него, конфликтот во Косово не е изолиран елемент. Тоа е пред се, елемент на фидбек, односно „linkage“ помеѓу она што се случува во Украина и тоа што е тука на Косово. Не треба да се заборави и дека Русија и натаму не го признава Косово, а тоа е за Србија многу важно.

Потенцира дека треба да се погледне пошироката геополитичка слика. Имено, веќе е јасно дека поредокот воспоставен со распаѓањето на Советскиот сојуз, каде што глобална империја беа САД и Западок, се менува, а сега зборуваме за еден мултиполарен свет, каде што многу големо значење има и Кина, а секако, и Русија, Индија, БРИКС и така натаму.

Односите меѓу Русија и САД, иако се сметаат за примарни, всушност, вистинскиот влог е судирот на интереси меѓу Кина и САД. Се смета дека токму овие односи во иднина, во следните 20 години, ќе ги детерминираат глобалните односи во светот. И Кина и САД настојуваат да престане војната во Украина, но секако не во овој контекст. На пример, Американците не прифаќаат Украина да склучи договор во овој актуелен момент, кога Крим, Донбас и Лугаск се под руска контрола. И тоа е една од главните пречки зошто не се воспоставува тој однос на мир. Од друга страна, светот се мултилатеризира и никој не знае каков ќе биде идниот светски поредок, дали ќе биде мултиполарен, дали ќе биде биполарен, анализира Ружин.

Тој напоменува дека во таа насока Македонија мора да го бара своето место и практично го нашла: меѓу силите на Алијансата и Западот. Но, секако дека не треба да ги запостави односите со другите држави. Пред се малите држави во Европа и светот.

Што се однесува до Балканот, тој останува значајаен геополитички простор. Постои и руско и кинеско и американско влијание.

Не е голема тајна ако кажам дека проширувањето на ЕУ е токму како резулат на војната во Украина. Дури Украина, Грузија и Молдавија настојуваат да влезат во ЕУ и НАТО. И тоа не треба да не изненадува, бидејќи играта на големите политички сили е во тек и веројатно епилогот ќе биде интересен да се согледа по некој извесен период. Но, како и да е, глобализмот во светот се деглобализира и можеме да зборуваме за одредени глобални територии. Би рекол деглобализација со регионална глобализација, во којашто Македонија има своја улога. Таа е членка на НАТО и многу е важно да стане и членка на ЕУ, односно да се надминат сите овие проблеми со кои се соочуваме, а се утврдени во Преговарачката рамка. Пред се, за да стане таа Преговарачка рамка активна, треба да се промени Уставот, вели пораншениот амбасадот.

Тој смета дека со Преспанскиот договор, Северна Македонија добила потврда на сопствениот територијален интегритет и суверенитет, а со договорот со ЕУ, а сега и со Резолуцијата од германскиот Бундестаг добила признание на јазикот, а тоа е потврдување на македонскиот идентитет.

Во однос на тоа дали косовскиот премиер, Албин Курти направи погрешни проценки кои ќе влијаат на иднината на Балканот, Ружин вели дека тој игра своја игра, а се со цел кревање на својата популарност дома.

Курти игра своја игра. Од мои сознанија, тој гледа на сопственоста популарност. Мор пријатели од Косово велат дека секоја криза, по секое апсење, по секое користење на српскиот фактор, расте популарноста на Кутри. Тој игра на сопствената внатрешна-политичка популарност. Исто како што тоа го прави и Вучиќ.
Дали згреши? Да, згреши, претера во некои елементи, што не им се допаѓа ни на земјите на Квинатата, ниту на останатата меѓународна заедница. Од друга страна, и Вучиќ нема некоја подобра репутација, така што единствено треба да бидат седнати на столчиња од страна на силни меѓународни поединци и да се прифати промената, односно да се направи тоа што треба да се направи од двете страни, заклучува Ружин.

К.С.Б.

Поврзани новости