Анализа: Најмалку хоспитализирани пациентите кои ја примиле вакцината Фајзер

by Fokus

Вкупно 30.136 лица биле хоспитализирани од опасниот вирус ковид 19 од почетокот на епидемијата од 26 февруари, лани ок кои 6. 542 починале поточно (21.708% од хоспитализираните), покажува анализата за ефикасноста на вакцините.

Овие податоци се добиени по истражувањето кое го предводел д-р Харис Бабачиќ, магистер по епидемиологија и докторанд-истражувач на Институтот Каролинска (Стокхолм, Шведска), во соработка со Жаклина Чагороска од Управата за електронско здравство при Министерството за здравство.

„Просечната возраст на пациентите кои болнички се лекуваат изнесувала 61 година, а 56.5 отсто од нив биле мажи. Од хоспитализација до смрт поминувале во просек 14.8 дена, а половина од испитаниците умреле во рок од 8 дена по примањето во болницата.

 

За процената на вакциналната ефективност, сите оние кои биле хоспитализирани пред да бидат вакцинирани со прва доза беа класифицирани како невакцинирани случаи, бидејќи не биле изложени на вакцинација пред да бидат примени во болница“, покажува анализата.

Во периодот од 15 јануари до 30 септември  годинава, од вкупно 16. 691 хоспитализации, 1.114 биле регистрирани по вакцинација кај 701,148 целосно вакцинирани (0.159%), додека 15.577 болнички примени биле регистрирани кај 1.119.139 невакцинирани (1.391%).

Грубата процена на ефективноста на примени две дози од било која вакцина во спречување хоспитализација изнесувала 88.727% (95% интервали на доверба (ИД): 88.017- 89.400%).

Според направеното истражување, постарата возраст и машкиот пол значително ја намалуваа ефективноста на вакцините, при што граѓаните на возраст од 65 и повеќе години имаа околу 76% поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под 65 години, а мажите имаа околу 23% поголем ризик од хоспитализација од жените.

„Поради тоа што популацијата вакцинирани беше во просек речиси 10 години постара од популацијата невакцинирани и затоа што вакцините од различни производители се нудени на различни возрасни групи, процената на ефективноста беше коригирана за пол и возрасни групи (граѓани од 65 години нагоре наспрема помлади од 65 години).

 

Со тоа, коригираната ефективност на примени две дози од било која вакцина во спречување хоспитализација изнесуваше 90.604% (95% ИД: 90.018- 91.166%)“, се наведува понатаму во истражувањето.

Две дози од ковид 19 вакцината ,BNT162b2 на производителот Pfizer/BioNTech покажа највисока ефективност во спречување хоспитализација, следена од вакцината ChAdOx1-S (производител: AstraZeneca) и вакцината CoronaVac (производител Sinovac), сите со ефективност над 92%. Вакцините  BBIBP-CorV (производител Sinopharm) и Gam-COVID-Vac (производител Gamaleya Institute) покажаа послаба ефективност во спречување хоспитализација од претходните три вакцини, но се уште имаа висока ефективност, над 80%.

Поврзани новости