Наградите од странство се знак дека добро ја претставувам Македонија!

by Fokus

Поп пејачката Елена Ристеска (35), и покрај тоа што подолг период нема објавено нови музички материјали и е ангажирана околу својата козметичка линија на производи ,,Ера”, сепак доби две музички награди надвор од земјава.

Станува збор за наградата ,,Најдобар македонски уметник,, која минатиот месец и беше доделена во Турција на церемонијата ,,Best of Rumeli 2021”, а пак пред неколку дена во Сокобања, соседна Србија ја доби наградата ,,Личност на годината во светот на поп музиката”.

Таа ја сподели веста за последното признание од Србија, но исто така го искористи моментот и да упати критика, односно жалење дека во Македонија се помалку има манифестации за успесите на јавните личности.
-Вчера бев прогласена за ,,Личност на годината во светот на поп музиката” и се закитив со уште една статуетка или награда како една од 7-те жени наградени од разни области во Сокобања, Србија.

Уште една награда на моите полици дома, меѓутоа уште една сатисфакција и спомен во моето срце и уште едно признание за овие 19 години музичка кариера. За жал, во мојата земја се помалку постојат меродавни манифестации за успесите на јавните личности.

Како и да е, сите награди ми се значајни особено оние кои доаѓаат од странство, тоа е знак дека добро ја претставувам својата земја Македонија насекаде во светот- порача Ристеска.

Таа и стана позната на јавноста во 2002 година по учеството во музичкото шоу ,,Плеј – потрага по ѕвезди”, а во 2006 година не претставуваше на Евровизија во Грција, каде го освои 12-то место. Последниот албум ,,Без шминка” го објави во 2015 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости