Ана Костовска: Вложивме многу љубов во филмот и купив билет за Венецискиот фестивал, но не полетав!

by Fokus

Филмот „Најсреќниот човек на светот” на Теона Митевска – Стругар денес ја има светската премиера на Филмскиот фестивал во Венеција. Лабина Митевска е носечка продуцентка на филмот преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски“, а се снимаше во Сараево и Скопје. Актерската екипа е составена од Јелена Кордиќ-Курет, Аднан Омеровиќ, Ана Костовска, Николина Кујача, Лабина Митевска и други.

Истакнатата актерка и пејачка Ана Костовска, за „Фокус“ открива дека си купила авионски билет и планирала да биде дел од Венецискиот филмски фестивал, но поради обврски околу друго снимање во Србија, не заминала. Вели, нема време да жали поради тоа, и се надева дека Фестивалот во Венеција нема да биде последен на кој се прикажува филм во кој таа глуми.

-Мене ми е ова трет филм со Теона, Лабина и Вук, нивната продукција…растеме и зрееме низ годиниве, тие од млади во возрасни, јас од возрасна во уште повозрасна, да не кажам стара… Практично, продукцијата „Сестрите и брат Митевски“ се најпрофесионалната и најуспешната продукција со која сум соработувала. Што се однесува до последниот филм „Најсреќниот човек на светот“ или „Најсретнији човијек на свијету“, уредно одговорив на аудицијата која беше објавена на Фејсбук, и по неколку месеци (најтешките, последни месеци од корона локдаунот) добив одговор дека сум ја добила улогата. Се снимаше во Скопје, минатиот септември, во народната библиотека и еве, денес е премиерната проекција на Венецијанскиот фестивал – вели Костовска.

Раскажува дека дејствието на филмот се случува во Сараево, во денешно време, во еден ден, и се зборува на босански и на сите други наречја во регионот, односно Југославија.

-Најголем број од актерите се од Босна, а не има неколкумина од Македонија, Фирдаус Неби, Николина Кујача, Зорица Нусева, Елмир Сејфуллаи, Џевдед Јашари… Уживавме месец дена во напорен и креативен процес. Нашата директорка на фотографија Вирзини Сент Марин, долгогодишна соработничка на Теона е уметница „пар екселанс“, работата со неа е феноменална! Горда сум на жени филмаџии, тука е и Лабина, не можам да не ги издвојам нејзината беспрекорност и како актерка и како продуцент, и се разбира, Теона, креативна, спартански издржлива, машки способна… Целата екипа впрочем, вавилонска мешаница на јазици, персони, сите фокусирани на работата која за возврат ни причинува толку големо задоволство. Се надевам дека резултатите ќе бидат достојни на вложениот труд и љубов. Номинациите на фестивал од калибарот на венецијанскиот зборуваат во прилог на тоа. Токму сега, додека го раскажувам ова, завршува проекцијата во Венеција и за неколку минути ќе почне да ми клика Виберот и ќе почнат да стигаат пораки од Јелена, Аднан (тие се номинирани за главни машка и женска улога), Мона, Ведрана, Синиша, Кемо, Лабина, Теона и сите кои се таму, на лице место и ќе ги чујам првите впечатоци – раскажува уметницата.

Појаснува дека жали што не е со нив, но се надева на нови шанси на светските филмски фестивали во иднина.

-Многу ми е жал што не сум со нив, имав дури и авионски билет, но снимам друг филм во Србија и покрај сите напори, не можев да полетам. Немам време многу да жалам, покрај тоа си мислам, се тешам дека не е последен фестивал на кој ќе се прикажува филм во кој учествувам…верувам – ни изјави Костовска која зад себе има низа на телевизиски и филмски проекти, а во јавноста останува запаметена и како Ана од култната телевизиска серија „Бушава азбука“, но и вокалистка на некогашниот „Бастион“. Филмот „Најсреќниот човек на светот“со буџет од 1.45 милиони евра, е копродукција на Македонија, БиХ, Данска, Хрватска, Словенија и Белгија, при што Агенцијата за филм учествуваше со 487.000 евра, а доби поддршка и од Еуримаж.

Вики Клинчарова

Поврзани новости