Популарната српска фолк пејачка Ана Бекута доаѓа во Валандово и ќе настапи на 36-то издание на традиционалниот фолк фестивал „Валандово 2023”.
Таа ќе запее на сцената на градскиот плоштад на втората вечер од манифестацијата, на 27-ми мај, а истата вечер свои настапи ќе имаат и Ефто Пупиновски и Куку Леле.
Бекута (63) никогаш не криела дека Валандово фест и е посебно значаен кога е нејзината музичка кариера во прашање. Во далечната 1991 година на фестивалот таа ја отпеа „Стариот Џумбушлија”, со музика и текст на Петар Ѓорѓиев – Калица и аранжман на М. Божиновски, и песната стана хит кој и денес се слуша.
Наредната година, песната беше прогласена за најслушана, и дури по 24 години од нејзината изведба, во 2015 година Бекута доби признание за истата, од страна на уредничкиот тим на фестивалот, кое и беше врачено во спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде тогаш имаше заеднички концерт со Шабан Шаулиќ и Саша Матиќ.
Наредната 2016 година пак, кога беше актуелна забраната за емитување на македонска музика на радио станиците и телевизиите, од страна на ЗАМП, кое бараше зголемување на тарифата за емитување на музика, но и спречување на формирање на конкурентско здружение кое понудило пониски тарифи, Ана Бекута се огласи во српските медиуми и порача дека забраните немаат ефект, бидејќи нејзе македонската публика секогаш ја сакала.
Исто така, откри и дека никогаш не добила ниту денар за емитување на песната „Стариот џумбушлија”, но за неа тоа не било важно, туку и значела поддршката од народот.
– Мислам дека тоа нема врска со народот, туку со некаква неразумна политика! Искуството не учи дека забраните немаат никаков ефект, и тогаш цвета сивата зона. Ја разбирам младата нација која што сака да си го заштити својот јазик, култура и музика, но мислам дека забраните не се начин и тоа е непопуларна мерка. Не сум загрижена, ја сакам македонската музика, на која што и ја подарив песната „Стариот џумбушлија” еден од најголемите хитови во последните 20 години.
Знам дека публиката во Македонија ме слуша, цени и почитува, а тоа се стекнува со високи стандарди, постојаност и фер игра.
Од Македонија никогаш не стигнаа пари за „Стариот џумбушлија“ и никогаш не добив ниту денар за емитување! Кој се буни и за што се буни? Мене ме интересира каде отишле тие пари, бидејќи не добив ниту денар.
Минатата година добив признание за најслушана песна во изминатите 20 години на просторот на Македонија. Инаку, песната е снимена на македонски јазик – откри пејачката пред седум години.
Откако и се случи големиот хит „Стариот џумбушлија” на фестивалот пред 32 години, Бекута во неколку наврати доаѓаше во Валандово, како музичка гостинка.
Ја започнала својата музичка кариера во 1980 година, и има голем број на популарни песни.
Вики Клинчарова