АМСМ 5 месеци не може да ги преброи вработените во последните 10 години

by Фокус

Авто-мото сојузот на Македонија одбива да сподели податок колку лица биле вработени на неопределено време во периодот од 2006 до 2016 година, а колкумина во наведениот период биле ангажирани хонорарно, со договор на дело, со авторски договор, или, пак, преку агенциите за привремени вработувања.

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме ваква информација од неколку државни компании, акционерски друштва со целосна или делумна државна сопственост, но и од организации шро вршат јавни овластувања, но само АМСМ не ни достави никакви податоци.

Во врска со нашето барање испратено на 14.02.2017 година, од таму добивме известување на 20.03 истата година дека не се можност да ни одговорат на нашето барање во рамки од законскиот рок од 30, односно 40 дена, бидејќи, според нив, се работело за преобемни податоци за долг временски период.

„Станува збор за голема база на податоци за кои треба да се изврши долготрајно истражување и за кое што ни е потребно дополнително време и дополнителни вклучување на човечки ресурси кои би се ангажирале околу целиот процес на прибирање и на селектирање на бараните податоци“, стои во известувањето од АМСМ.

Воедно, од таму побараа да имаме разбирање и трпение во однос на доставувањето на бараните податоци, бидејќи нивното обезбедување креирало високи дополнителни трошоци, надвор од тековното работење, меѓутоа до ден денес нема никаков одговор.

Во меѓувреме, поточно на 07.04.2017 година, поднесовме жалба до Комисијата за жалби по информации од јавен карактер, од каде еден месец подоцна не известија дека ја уважуваат жалбата и го известуваат АМСМ да ја достави бараната информација во рок од 15 дена.

„Комисијата ја препрати жалбата и до Авто-мото сојузот и побара во рок од 7 дена да се произнесе и до Комисијата да ги достави сите списи во врска со предметот, меѓутоа АМСМ не одговори на дописот“, се наведува, меѓу другото, во образложението на решението на Комисијата.

На официјалната интернет страна, стои дека АМСМ денес е современа организација со повеќе од 15.000 членови со повеќе од 300 вработени, но нема податок дали ова е бројката само на редовно вработените лица, ниту пак за движењето на бројот на вработени низ годините.

Со оглед дека како здружение на граѓани не може да врши комерцијална дејност и да остварува профит, АМСМ се јавува како основач на повеќе компании, преку кои нуди разни услуги, како на пример, помош на пат, технички преглед на возила и постапка за регистрација на возило, разни испитувања на возила и обука за возачи…

Според финансиските извештаи доставени во Централниот регистар, во минатата 2016 година АМСМ остварил приходи во висина од околу 86.500.000 денари, што е за околу 30 милиони денари повеќе во однос на 2015 година, така што трошоците во двете години се скоро исти со приходите.

В.С.

Поврзани новости