Октроирани властодршци, партиозоити, самовљубени социопати и примитивци ќе продолжат хохштаплерски умешно да го сокриваат топчето под кибритот, безобразно мамејќи и лажејќи дека се залагаат за промени. А, зошто и што да реформираат, кога сѐ им е потаман во администрацијата, правосудството, здравството, образованието, културата и во земјоделието?
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Се јави, навистина се јави! Поранешниот премиер и претседател, „државникот“ Б.Ц., алијас „Папата“, им отвори очи и ги приземји самопрогласениот „Фронт за ЕУ“, неговите партиски клиенти и фанови, но и дел од народот со овчја кроткост!
Езоповски плескајќи им в лице, намекна дека ЕУ е расштиман оркестар, кој нема јасен план што ќе чини со себе, а камоли со Македонија. Меѓу редови им кажа дека ептен нелогични и инфантилни биле очекувањата, државата за пет или за седум години да стане член на европското семејство.
Начисто ги разобличи лицемерната и излитена мантра на „Старата дама“ за некаква си политика на отворени врати, но и патолошката опсесивност на „Фронтот за ЕУ“ како единствена опција.
Театар на апсурдот, во кој ЕУ глуми проширување, а Македонија божемски се реформира. Заедничкиот именител на игроказот е статус кво ситуацијата, која ќе трае многу години.
ЕРЕСОТ НА Б.Ц.
Апологетите на власта го дочекаа на нож ваквиот ерес. Б.Ц. им ги урна постулатите дека, всушност, преговорите се само отворени, но не и почнати, забеганоста за сигурно членство најдоцна до 2030 година, можеби и две-три години порано и излитената флоскула за безалтернативност и реформи според ЕУ и НАТО вредности, закони и стандарди.
Им ја разбули лагата дека македонскиот идентитет, историја и јазик биле бетонирани, но и пустата надеж дека Бугарија ќе се откажела од „нежната преградка“ и нејзината садо-мазо љубов към мекерета с песента „Обича те брат с юмрук по врат“.
Ставовите и мислењата на „Папата“ целосно се совпаѓаат со основниот мотив во сатирата „Приказната за скалата“ од Христо Смирненски, бугарски поет со македонско потекло.
Во неа се разобликува власта како големо искушение. Кога некои работи се гледаат од временска дистанца, не се перцепираат исто како кога се гледаат од блиску, односно не е исто кога човек е на власт и кога веќе не е.
Во зората на демократијата, тој изјавуваше дека, не Македонија, туку Грција имала проблем со името и времето било на наша страна. Сега ги береме плодовите на таквата катастрофална заблудена политикантска демагогија.
Умот им е отпозади и им доаѓа отпосле и на неговите наследници со кодни имиња „Мона Лиза“, „Гаргамел“, „Пастирот“, „Нобеловецот“ и „Таче“, кои продолжија со истата упорита и тъпа мантра и за българо-македонскиот спор.
ДУРИ ИМА ОВЦИ, ИМА И ВОЛНА
Сѐ е кристално јасно! Видливо од авион дека бош работа е членството во ЕУ. Во прекрстена, неуредена и далдисана полудржава, промената на корумпираниот партократски систем е невозможна мисија.
Едноставно, „реформаторите“ логично резонираат. „Дури има овци, ќе има и волна за стрижење“, па немаат, ама баш никаков ќеф и нужда за создавање нов систем.
Октроирани властодршци, партиозоити, самовљубени социопати и примитивци ќе продолжат хохштаплерски умешно да го сокриваат топчето под кибритот, безобразно мамејќи и лажејќи дека се залагаат за промени.
А, зошто и што да реформираат кога сѐ им е потаман во администрацијата, правосудството, здравството, образованието, културата и во земјоделието?
Политички гарнитури од неранимајковци доаѓаат и заминуваат од власта со помош од меѓународните камшикари. Во изминатите три децении склучуваа претходен дил за испорачување (не)пристојни барања. Метод сличен како задолжување кај мафијата.
Таа изготвува психолошки профили за идни благонадежни кадри за власт, лобира, спонзорира и заштитува. Ги држи на узди и постојано ги потсетува дека се евидентирани во нивниот катиљ список на корумпирани. Кога ќе му дојде времето, типираниот и врбуван лик да стане некој и нешто во коридорите на власта, сето тоа го наплатува со дебела камата.
Останува само вечната дилема дали чашата е полупразна или полуполна, со различни перцепции на оптимистите и песимистите. Првите како добро информирани паталци, а вторите како лошо информирани гаталци.
Глумејќи недоветност, „Фронтот за ЕУ“ ги игнорира фактите за ампутираните илузии и продължава с буйна страст да чака бързия български влак за Европейския съюз!