Мицотакис: За Грција кризата беше трагедија!

by fokus

За Грција кризата беше трагедија, но како и во секоја трагедија, на крајот доаѓа катарзата. Од мрачните години излегуваме посилни, помудри и попрагматични, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото обраќање на Вториот меѓународен трговски саем ЕКСПО во Шангај и додаде дека по 10 многу тешки години грчката економија динамично закрепнува, јави дописничката на МИА од Атина.

Грција вторпат учествува на Саемот, а Мицотакис наведе дека овој пат, учеството е поразлично бидејќи сега Грција веќе излегува од кризата.

– Нашето присуство овде, исто така, ја потврдува важноста на нашите стратешки односи со Кина. Односите меѓу Грција и Народна Република Кина не се нови. Се разви во текот на изминатите децении и нашите врски се прошируваат и зајакнуваат. Меѓутоа, овие односи не се однесува само на трговијата, инвестициите, технологијата, туризмот или економија во целост.

Одат многу подлабоко низ времето, истакна Мицотакис и додаде дека постои меѓусебно почитување во грчко-кинеските односи.

Грчкиот премиер се осврна и на билатералната економска соработка за која рече дека е двонасочна, а ја спомена и инвестицијата на кинеската компанија „КОСКО Шипинг“ (COSCO Shipping) на атинското пристаниште Пиреас, како важна „успешна приказна не само за односите меѓу Кина и Грција, туку и за целиот регион“.

Тој ги спомена и перспективите за зголемување на кинески туристи во Грција, чија бројка сега изнесува нешто помалку од 200.000.

Претседателот на Владата на Грција во рамките на четиридневната посета на Кина за Меѓународниот саем во Шангај се сретна и со кинескиот претседател Си Џинпинг, а нивните разговори ќе ги продолжат и во Атина за една седмица, со оглед на тоа дека од 10 до 12 ноември претседателот на Кина ќе оствари официјална посета на Грција.

На средбата во Шангај, според грчки владини извори биле потврдени врските на пријателство и соработка меѓу двете земји и станало збор за областите во кои може да се зајакне и прошири оваа соработка.

Поврзани новости