Борбата против корупцијата, која може да ја води само независно и ефикасно судство, е на врвот на нивната агенда, зашто на Западот не му требаат сојузници што се корумпирани и што ја шират заразата на корупцијата во двата нивни сојузи – НАТО и ЕУ
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
Дали Америка треба да ја напушти политиката на светски промотор на либералната демократија преку директна интервенција во внатрешните работи на државите и на своја сметка? Повеќето Американци, покажуваат анкетите, се против „бесплатно возење“ на сојузниците, меѓу кои е и Македонија.
Земени заедно, сите европски земји трошат три до четирипати повеќе за одбрана од Русија, па обединети, тие би можеле успешно да се носат со безбедносната дилема на својот континент визави Русија. Особено ако се земе предвид фактот дека Русија е економски силна како една Италија, на пример. Ама, не можат да се обединат, па сметката за нивната безбедност ја плаќаат Американците.
Дали Орбан би се однесувал така кон сојузниците во ЕУ кога безбедноста на Унгарија би зависела од европски консензус и не би постоела можноста да се обрати до Вашингтон за помош, е многу дискутабилно, вели Стивен Волт од Харвард.
НЕМА ВЕЌЕ „БЕСПЛАТЕН РУЧЕК“
Бесот на американската амбасадорка во Скопје поттикнат од состојбите во нашето судство е ехо на оваа дебата што се води во Вашингтон веќе неколку години. Бесот е оправдан.
Во што отидоа петстотини милиони (!?) долари вложени во македонското судство, прашува амбасадорката. Не ја знае амбасадорката онаа нашата: „Да ти купам капа можам, ама ум не“.
Се сеќавам кога, во времето на еден глупав антиамериканизам во Македонија, висок претставник на американската администрација во посета на Скопје, пристојно праша како тоа нашите политичари мирно спијат под безбедносниот чадор на Америка, а кога ќе се разбудат, ја критикуваат нејзината политика?
Но, тоа беа времиња кога американските амбасадори имаа поинакви директиви. Еден од нив ми рече дека решавањето на билатералниот спор со Грција е работа на двете држави, а демократската трансформацијата на македонското општество е „историски процес“.
Денес ситуацијата е драматично изменета. Ривалитетот со нуклеарно вооружената автократија на Путин за сфери на влијание на Балканот го произведе политичкиот бран, кој ги покрена политичарите на нашата земја и на Грција итно да најдат решение за спорот. Решението на спорот околу името веќе не беше само наша работа, туку стана безбедносно прашање и на нашиот сојузник, големата сила.
Нешто слично се случува сега со внатрешната трансформација на македонското општество: нема веќе „бесплатен ручек“, предупредуваат од амбасадата во Скопје.
ЛУЃЕТО ГО ЧИНАТ СИСТЕМОТ
Борбата против корупцијата, која може да ја води само независно и ефикасно судство, е на врвот на нивната агенда, зашто на Западот не му требаат сојузници што се корумпирани и што ја шират заразата на корупцијата во двата нивни сојузи – НАТО и ЕУ.
Но, судските институции се само згради, ходници и соби. Луѓето се тие што го чинат системот, а нивната состојба на умот е, најчесто, проблематична.
Првите луѓе на власта, колку сакаат, можат да повторуваат дека судиите треба да судат како луѓе со интегритет и согласно законите. Можат и да дадат писмени гаранции дека нема да се мешаат во нивната работа. Залудно.
Таквото поведение значи судиите на себе да ја земат одговорноста за состојбите во својата гранка на власта. Културата на неодговорност не го дозволува тоа. Така е ширум општеството.
Нема разлика со нашето поведение како професори на универзитетите што ги образоваат судиите на правните факултети во земјата. Ние никогаш не сме седнале сериозно да проанализираме каков е квалитетот на судиите што ги „произведуваме“. Ви се верува? Никогаш!
Длабоките корени на нашето коруптивно поведение е во нашите ориентални умови, налик на оној на Итар Пејо. Ќе треба самите да се помачиме за да создадеме од Македонија свет на ред и човечност во кој се оди исправено, се гледа мирно и се зборува отворено.