Основачот на Викиликс Џулијан Асанж е обвинет за откривање на имињата на изворите, а не за неговите политички ставови, велат американските адвокати кои бараат негова екстрадиција.
Американските обвинители бараат судење на 52-годишниот Асанж поради објавувањето на бројни американски воени досиеја и дипломатски телеграми од страна на Викиликс.
Вашингтон тврди дека Австралиецот ги загрозил животите на американските агенти и дека нема оправдување за неговите криминални дела. Неговите поддржувачи, од друга страна, го слават како херој кој беше обвинет за откривање американски злосторства.
Во 2010 година, Викиликс, меѓу другото, објави снимки од американски воени авиони кои убиваат цивили во главниот град на Ирак, како и информации за стотици цивили убиени за време на американската инвазија на Авганистан, пишува Би-Би-Си.
Асанж е поддржан од Амнести интернешенел, бројни медиумски групи и политичари, вклучително и австралискиот лабуристички премиер Ентони Албанес, чија партија минатата недела гласаше во парламентот за негово враќање во Австралија.
Вчера, адвокатите на Асанж пред судот во Лондон рекоа дека неговото прогонство е од политичка природа и дека се гони за откривање злосторства на државно ниво и дека поранешниот републикански претседател Доналд Трамп побарал „детални опции“ за тоа како да го убие, пренесува Ројтерс.
Американски адвокати денеска објавија дека кривичното гонење на Асанж „се заснова на владеење на правото и докази“.