Врховниот суд на САД го блокираше указот на американскиот претседател Џозеф Бајден за задолжителна вакцинација или неделно тестирање на вработените во големите компании, но одобри администрацијата да ја спроведе одлуката за задолжителна вакцинација на здравствените работници.
Одлуката е донесена откако минатиот петок судот ги сослуша аргументите во постапката за привремена задолжителна вакцинација издадена од две федерални агенции во ноември со цел да се зголеми стапката на вакцинација во САД и да се направат побезбедни работните места и здравствените институции.
Врховниот суд беше поделен и во двата случаи.
Во првиот, шест конзервативни судии гласаа против указот на претседателот Бајден, додека тројца либерални го поддржаа.
Во вториот, одлуката беше донесена со пет гласа „за“ и четири „против“, при што двајца конзервативни судии им се придружија на либералите.
Федералната агенција за безбедност и здравје при работа претходно донесе правило според кое вработените во компаниите со најмалку 100 работници мора да се вакцинираат или тестираат неделно за Ковид-19.
Тоа правило се однесуваше на повеќе од 80 милиони вработени, а компаниите ширум САД требаше да почнат да го применуваат минатиот понеделник.
Противниците на одлуката, предводени од Охајо, како и некои деловни групи, побараа од судиите да ја блокираат откако судот од пониска јурисдикција ја укина забраната во врска со одлуката.
Втората обврзувачка одлука е за задолжителна вакцинација на околу 10,3 милиони здравствени работници во околу 76.000 установи, вклучувајќи болници и домови за стари лица финансирани од програмите за здравствено осигурување Медикер и Медикејд