Државата треба да стане поагилна, а сите чинители имаат обврска да најдат механизми како општеството побрзо да се адаптира и да реагира на предизвиците кои ги носи новото време, особено со зголемените сајбер напади. За жал, агресијата врз Украина уште еднаш докажа дека инвестирањето во сајбер безбедноста не е трошок, туку инвестиција. Сајбер безбедноста не е предмет на прашање само на една институција, туку треба да биде предмет на заеднички интерес на повеќе институции кои меѓусебно ќе соработуваат во обука и креирање на професионални кадри од областа на сајбер безбедноста со цел да одговорат на сè почестите закани, опасности и напади во дигиталниот свет.
Со порастот на сајбер криминалот, потребата од професионалците за сајбер безбедност станува критична на светско ниво. Затоа, неопходно е да се зголеми бројот на професионалци кои ќе стекнат со знаења и вештини кои се дизајнирани за заштита на мрежите, уредите, програмите и податоците од недозволен пристап и напади кои секојдневно се случуваат во интернет просторот.
Ова е заклучокот од денешниот меѓународен стручен симпозиум на тема „ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ЕРАТА НА ДИГИТАЛНАТА ТЕХНОЛОГИЈА“ којшто го организираше Американскиот универзитет на Европа – ФОН по повод одбележувањето на 20 годишнината од основањето на Универзитетот, а на кој учествуваа претставници од Владата, министри, истакнати домашни и меѓународни политичари, актуелни градоначалници, научен наставен академски кадар, како и претставници од компании.
Ректорката на Американскиот универзитет на Европа – ФОН, професор д-р Билјана Пулеска Јанушевска во своето обраќање пред присутните истакна дека околностите на
светско ниво драматично го забрзаа влијанието на дигиталната економија во сите сектори – работа, транспорт, образование, здравство, трговија, храна и други.
„Наша заедничка одговорност како граѓанско општество е да ја промовираме употребата на дигитални технологии, која ќе обезбеди праведна транзиција. Притоа, ние како високо -образовна институција ќе го преземеме водството во дигиталната трансформација и ќе го поставиме темпото на национално ниво“, потенцираше ректорката на АУЕ- ФОН, Пулеска Јанушевска.
Честитајќи го јубилејот на АУЕ – ФОН, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска им посака на студентите и наставниот кадар на универзитетот успешно справување со предизвиците во децениите кои доаѓааат и држење чекор со технолошките промени. Таа нагласи дека знаењето и информациите се достапни како никогаш порано во историјата, дека дигитализацијата ја носи и придобивката од флексибилност во учењето, но се осврна и на ризиците кои ги носат постојаните технолошки промени.
“Клучно е да се оспособат новите генерации за успешно да навигираат во тој океан од информации. Како да препознаваат релеванти извори, а како да ги отфрлат манипулативните и лажните. Како да препознаат и да се справат со дезинформациите“ – истакна Грковска, дополнувајќи дека е важно да се изгради свест кај сите чинители во образованието и во општеството во целина и за безбедносните аспекти од функционирањето во дигиталното време.
Дигиталната технологија и вештачката интелегенција може да придонесат за олеснување на животот на граѓаните. Но, според Ќире Јаќимоски, професор на Факултетот за информатика при АУЕ -ФОН, вештачката интелегенција е особено неопходна за подобра заштита на критичната инфраструктура. „Владата мора да стави акцент за заштитата на критичната инфраструктура, особено кога станува збор за здравството, одбраната или банкарскиот сектор“, изјави професорор Јаќимоски.
Со ставот дека дигиталната технологија има свои предности се согласи и градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски. Според Димитриевски,
дигиталната технологија ја трансформира локалната самоуправа, со што општината се грижи и обезбедува подобри услуги согласно потребите на граѓаните. „Поставивме паметен систем за контрола на осветлувањето со штедливи ЛЕД светилки во целата општина, паметни системи за подобро водоснабдување, како и поекономично собирање смет“, нагласи градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски.
Американскиот универзитет на Европа – ФОН кој што денеска одбележа 20 години од своето основање, додели две титули Doctor Honoris Causa. Со престижната титула „Doctor Honoris Causa“ се стекна францскиот професор Мишел Фушер, кој со своите активности придонесе во развојот на научната мисла, културата и високото образование и значително го помага процесот на евроинтеграцијата на Република Северна Македонија.
Титулата „Doctor Honoris Causa“ му беше доделена и на г-динот Јехиел Хилик Бар од Израел, интелектуалец со јасна и емпатична мисла, со космополитиски ставови и автор на бројни трудови, публикации, медиумски настапи, човек со голема хуманистичка визија кој сонува за мирниот соживот помеѓу Израелците и Палестинците.
ПР текст