Доналд Трамп нема претседателски имунитет и може да му се суди под обвинение за заговор за поништување на изборите во 2020 година, одлучи американскиот суд.
Трамп во историскиот правен случај тврди дека е имун од кривични пријави за дела за кои вели дека спаѓаат во неговите претседателски должности, јавува Би-Би-Си. Сепак, денешната пресуда на судот во Вашингтон го поби ова тврдење.
Тоа е удар за Трамп, кој со години се повикуваше на претседателски имунитет во многу случаи.
Се очекува поранешниот американски претседател да поднесе жалба на пресудата, што значи дека случајот на крајот би можел да заврши во Врховниот суд, каде републиканците имаат мнозинство од шест спрема три.
Американскиот специјален советник Џек Смит го обвини Трамп (77) за заговор да ја поништи победата на актуелниот американски претседател Џозеф Бајден на изборите во 2020 година и дека извршил измама за да остане на власт.
Судењето за случајот првично беше закажано за 4 март, но беше одложено во очекување на пресудата за случајот за имунитетот на Трамп. Може да се одложи со недели, ако не и месеци, доколку случајот заврши пред Врховниот суд.
Претходно овој месец, комисија од судии го разгледуваше случајот во Апелациониот суд во Вашингтон.