Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин по завршувањето на министерскиот состанок на НАТО испрати порака дека Алијансата е пообедината од кога и да е и додаде дека тие безрезервно ќе ја штитат секоја педа од територијата на НАТО.
Ќе бидеме со Украина колку и да е потребно. На министерскиот состанок се одлучи да се зајакне одвраќањето и одбраната на НАТО. Во Вилнус нашите лидери ќе донесат нов план за инвестирање за новите насоки во одбраната. САД е горда што работи заедно со сојзуниците на зачувување на мирот, рече Остин.
Тој се осврна и на ситуацијата на бојното поле во Украина. Потенцираше дека освен помош во оружје и муниција, многу е важно НАТО да обезбеди помош во обуки и тренинг на украинските војници, нешто што на руските трупи им недостасува.
Русија продолжува да носи голем број на војници. Тие се слабо обучени и затоа има многу голем број на загинати. Нашата цел е да и обезбедиме на Украина помош не само за да се одржи во борбата, туку и да напредува. Затоа е важно да обезбедиме и соодветен тренинг и обуки, а не само оружје и системи. Со подобро обучени трупи и модерно оружје ќе имаат поголеми шанси да тргнат во нова офанзива и да напредуваат, смета Остин.
НАТО брза да и достави доволно оружје и муниција на Украина за таа да тргне во нова офанзива пред тоа да го направи Русија. Главното прашање сега е кој побрзо ќе успее да се подготви и да го искористи моментумот за да напредува: Украина да почне да враќа од територијата која сега е под руска контрола или пак Русија да заземе нови области под окупација.
За „Фокус“ од Брисел
Катерина Смилева Божиновска