Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин утринава пристигна во Киев за да ја покаже американската поддршка и каде ќе има средби со високи украински претставници, објави тој преку социјалните мрежи.
„Дојдов во Украина по четврти пат во својство на секретар за одбрана за да покажам дека САД, заедно со меѓународната заедница, продолжуваат да ја поддржуваат Украина“, напиша шефот на Пентагон на мрежата X.
Тој ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски и со министерот за одбрана Рустем Умеров, објави Си-Ен-Ен.
Се очекува да се разговара за барањето на Украина за влез во НАТО, што е прва точка од „планот за победа“ на претседателот Зеленски.
Посетата се одржува околу две недели пред претседателските избори во САД, кои се важни и за Киев, бидејќи републиканскиот претседателски кандидат и поранешен американски претседател Доналд Трамп ја доведе во прашање помошта за Киев, пишува Франс прес.
Киев, исто така, со месеци бара одобрение да ја гаѓа руската територија со „западни“ ракети со долг дострел, што е една од главните точки на „планот за победа“, но неколку земји, вклучително и САД, одбиваат да го одобрат поради страв од реакција од Москва.