Американскиот дипломат Пердју: Загрижен сум за блокадата помеѓу Бугарија и Северна Македонија

by Fokus

Штета би било доколку Бугарија го запре процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија, смета американскиот дипломат Џејмс Пердју, поранешен амбасадор во Софија и еден од посредувачите во разговорите за Охридскиот договор.

– Знам дека е примамливо Бугарија да се обиде да ја искористи својата позиција како членка на Европската унија, додека Северна Македонија се обидува да добие членство. Но, не сум сигурен дали вреди да се создаде непријателство меѓу владите на двете земји и нивните народи, изјави Пердју во интервју за емисијата „Сабота 150 “ на бугарската БНТ.

Пердју вели дека национален интерес на Бугарија е Северна Македонија да биде членка на НАТО и на Европската унија и затоа Софија треба тесно да соработува со Скопје.

– Премиерот на Северна Македонија е многу прогресивен човек. Тој имаше храброст да постигне договор со Грција за спорот за името. Јас сум многу импресиониран од него. Тој прави многу добра работа за својата земја. Би било штета за Бугарија да го запре процесот на пристапување на земјата во ЕУ заради нејзината историја и јазик. На крајот на краиштата, ние исто така зборуваме англиски, но немаме желба да и се наметнеме на Англија. Секоја земја може да го нарече својот јазик како што сака. Историските спорови никогаш не се конечно решени. Научниците се расправаат со векови. Нека ја завршат својата работа. Има начин да го сторат тоа – двете страни имаат толку многу заедничко. Загрижен сум за оваа блокада, истакнува Пердју.

Поврзани новости