Испраќањето американски војници со капи на ОН беше прекривка за нивниот воен ангажман. Макар колку симболичен, тој ангажман беше во полза на идната млада држава на Балканот. Еден вид гума за спасување. Тоа не е ништо, повторуваат во хор македонските критичари на американската политика: Америка можеше да го реши проблемот, застанувајќи зад нас, а против Грција во „спорот за името“.
Пишува: Денко МАЛЕСКИ
(Белешки од годините на независноста)
Стравовите на Фровик околу смената на администрацијата не се остварија во целина. Навистина, со доаѓањето на власт на демократската партија се одолжи признавањето на Македонија од страна на Америка, сѐ до 1994 година, но и тие како и републиканците пред нив не се откажаа од стратегијата на САД да не се дозволи ширење на конфликтот на југ.
Во таа насока се случи нешто што, веројатно, тешко некогаш ќе се повтори: на скопскиот аеродром слетаа и се стационираа 300 американски војници со капите и под знаме то на Обединетите нации.
Префрлајќи американски војници од Германија во Македонија, макар и во вака симболичен број, беше порака до соседите дека оваа земја не е за земање.
ОПАСНОСТА ОД СРБИЈА
Сите зборуваа дека примарната опасност доаѓа од Србија, ми раскажува Фровик десетина години подоцна, а ние добро знаевме дека сме тука и поради поведението на Грција. Во анархичната структура на меѓународните односи, во која не постои централна власт на која би можела држава во неволја да се повика, ангажманот на голема сила е единствениот спас. Тоа, во тој момент, ни го пружи Америка.
Спротивно на вообичаеното мислење дека големите сили едвај чекаат да се инволвираат во работите на малите држави, лекцијата научена низ историјата на меѓународните односи е дека тие се подеднакво внимателни да не бидат вовлечени во конфликт, кој не кореспондира со нивните интереси.
Фровик, во еден разговор, ја нарече Македонија „бебето од катран“, назив за држава која има многу проблеми кои може да и ги пренесе на големата сила која се инволвирала. Но, за ситуацијата да биде уште посложена: големата сила ќе зажали ако не се ангажира, а ќе зажали и ако се ангажира.
Но, нешто мораше да се стори од страна на Америка. Макар само да даде сигнал на предупредување до соседите. Брановите на српскиот и на грчкиот национализам ја заплискуваа идната млада држава – Македонија.
Истото го правеа и домашните националисти со непромислени акции, како блокада на грчката граница или изгласувањето на знамето од Вергина за наше државно знаме. Воинствената реторика на српските националисти, кои не можеа да го прежалат губењето на некогашната српска бановина и масовните демонстрации во Солун и во Атина под слоганот „Македонија е Грчка“, беа индикатори за можен воен напад врз нас.
Редовното кршење на суверенитетот на воздушниот простор од страна на грчки авиони, како и граничните инциденти на српско-македонската граница беа сериозни индикатори за можен воен конфликт. Предлогот на Милошевиќ за поделба на Македонија меѓу Србија и Грција, пак, беше опасен директен индикатор за непромислените потези и на соседите.
ГУМА ЗА СПАСУВАЊЕ
Претпоставувам дека и нашите средби и дописи до Американците за овие состојби, како и конструктивната македонска надворешна политика, имале свој удел во одлуката да ни се помогне со испраќање американски војници на скопскиот аеродром.
И повторно, како и во случајот со отворањето на првото претставништво на КЕБС како прекривка врз американското присуство, и испраќањето на американски војници со капи на ОН беше прекривка за нивниот воен ангажман.
Макар колку симболичен, тој ангажман беше во полза на идната млада држава на Балканот. Еден вид гума за спасување. Тоа не е ништо, повторуваат во хор македонските критичари на американската политика: Америка можеше да го реши проблемот застанувајќи зад нас, а против Грција во „спорот за името“.
Се разбира, доколку Америка се закани дека ќе воведе економска блокада или дека ќе фрли нуклеарна бомба врз Грција, исходот од овој идентитетски конфликт би бил поинаков, ама тоа не се прави така во меѓународните односи. Интересите на Америка кон Грција беа и се несразмерно поголеми од оние кон Македонија, а токму тие интереси ја определуваат насоката на една државна политика.
Интересите, а не принципите се примарни. Така, принципот дека секоја држава има право да си го определи своето име, во нашиот случај, мораше да отстапи пред интересот на Америка и на другите европски држави визави Грција, нивниот партнер во НАТО и во ЕЗ.Така е во реалниот свет. Во некаков идеален што не постои би било сѐ според словото на правото.
РЕШЕНИЕТО НА АМЕРИКА
А, сепак, и во овој реален свет, американската политика бараше некакво креативно решение да ѝ помогнат на младата држава – Македонија. Решение, кое, се разбира, се вклопуваше во рамките на нивната глобална стратегија. Во случајов, да не се прошират етничките војни во Југославија на југ.
Тоа креативно решение беше операцијата „tripwire“ (жица за сопнување). Аналитичарите во Америка ја нарекуваа операцијата непромислена, бидејќи во случај на напад од Србија, САД би се соочиле со две неприфатливи опции: да бега или да ги засили своите трупи и да влезе во војна.
Тоа беа сериозните ризици на оваа „containment strategy“ (стратегија за задржување), која, од страна на критичарите, беше наречена погрешна, контрадикторна и некохерентна. Основното прашање за нив беше што ќе се случи ако избие конфликт на тромеѓето Србија, Косово, Македонија, а одговорот што го даваа беше дека тристате американски војници ќе станат заложници.
Американската администрација мораше сериозно да маневрира за да избегне дебата во Конгресот, во кој мнозина го делеа мислењето на противниците на оваа воена операција. Која е „излезната стратегија“ прашуваа тие, кога се знае дека ако не возврати на сила со сила, отиде американскиот кредибилитет.
Одговорот го даде Ворен Кристофер, човекот кој го замени Лоренс Иглбергер на позицијата државен секретар во администрацијата на Бил Клинтон. „Не е веројатно дека Соединетите Држави ќе ги остават своите трупи во Македонија неодбранети“ и додава: „Можете да бидете сигурни во тоа“.
(Продолжува)