Агенциите за разузнавање на САД сметаат дека Северна Кореја го зголемила производството на збогатен ураниум за нуклеарно оружје на повеќе тајни локациии и дека ќе се обиде да ги сокрие, додека бара отстапки во преговорите со САД, објави телевизијата Ен-би-си повикувајќи се на изјави на неименувани функционери на САД.
Ен-би-си наведе дека се чини како последните проценки на американските разузнавачи се контрадикторни со изјавата на претседателот Доналд Трамп, кој по самитот на 12 јуни со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на Твитер објави дека „веќе нема нуклеарна закана од Северна Кореја.“
Ен-би-си ги пренесе изјавите на петмина неименувани претставници на САД дека Северна Кореја во последните месеци го зголемила производството на збогатен ураниум за нуклеарно оружје, па дури и за време на дипломатските активности со САД.
Ен-би-си наведе дека официјалните лица кажале дека во разузнавачките проценките се заклучува дека Северна Кореја има повеќе од еден нуклеарен комплекс покрај познатата постројка во Јонгбјон.
„Постојат неспорни докази дека се обидуваат да ги измамат САД“, рече едно официјално лице, објави Ен-би-си.
Еден висок разузнавачки претставник, како што објави Ен-би-си изјави дека одлуката на Северна Кореја воочи самитот за запирање на нуклеарните и ракетни тестови била неочекувана и фактот дека двете страни разговараат е позитивен чекор.
Но, додаде тој, Северна Кореја „работи на тоа да не измами во однос на бројот на постројки, бројот на оружје, бројот на ракети… Ги следиме внимателно“.
ЦИА не сакаше да го коментира извештајот на Ен-би-си, а Белата куќа не одговори на барањето за коментар.