Американската полиција застрела 14-годишно девојче

by Фокус

Полициската управа во Лос Анџелес објави снимка од надзорните камери и камерите поставени на полициските униформи кои го покажуваат немилиот тек на настаните во кој загина 14-годишно девојче.

На снимката се гледа како 24-годишниот осомничен Даниел Елена-Лопез со велосипед влегува во продавницата Burlington Coat Factory во Холивуд, во четвртокот минатата недела, по што се качува на ескалатор. На себе носи маица со кратки ракави и шорцови.

Неколку моменти подоцна се појавува во јакна и замавнува со синџирот за заклучување од неговиот велосипед, односно напаѓа други купувачи, пишува Си-ен-ен.

На снимката од камерите на полициските униформи се гледа жена која лежи на подот облеана во крв додека полицијата поминува низ продавница и се обидува да го лоцира осомничениот.

Еден од полицајците потоа пука со три куршуми кон осомничениот, кој паѓа на земја.

Валентина Орељана-Пералта (14) за време на полициската потера била во соблекувалната на продавницата со мајка си, а еден од куршумите ја пробил преградата на соблекувалната и го погодил девојчето во градите, по што таа починала.

На местото на настанот починал и осомничениот. Во близина на неговото тело бил пронајден и синџирот за велосипед. Полицијата не пронашла огнено оружје.

Полицаецот кој пукал во осомничениот и го убил девојчето е на платен одмор. Истрагата за инцидентот е во тек.

Поврзани новости