Монтана донесе закон за забрана на TikTok. Законот беше прифатен со 54 гласа, 43 беа против, а законот сега е потпишан од републичкиот гувернер на таа држава на северозападот на земјата, која има нешто повеќе од милион жители.
Гувернерот Џанфорте нагласи дека законот ќе го унапреди „нашиот заеднички приоритет да ги заштитиме Монтананците од надзорот на Кинеската Комунистичка партија“.
Новиот закон, кој ќе стапи на сила во јануари 2024 година, забранува работа на апликацијата TikTok во границите на Монтана.
Законот наведува и можни казни од 10.000 долари дневно за прекршителите, вклучително и продавниците за апликации. Казните нема да важат за корисниците.
TikTok, кој има над 150 милиони корисници во САД, се соочува со зголемени повици од американски законодавци и владини претставници да ја забранат апликацијата на национално ниво поради загриженоста за потенцијалното влијание на кинеската влада врз платформата.
Сепак, компанијата, која е во сопственост на кинеската технолошка компанија BiteDance, негира дека некогаш споделувала податоци со кинеската влада и рече дека нема да го стори тоа доколку биде побарано.
Забавните видеа и леснотијата на користење го направија многу популарен, а американските технолошки гиганти како Snapchat и Meta, матичната компанија на Facebook и Instagram, го гледаат како конкурентна закана, пишува Reuters.