Лекарката Вјолца Мбиара никогаш не работела ниту пак, била вработена во Американската болница во Тирана. Изјавата на д-р Вјолца Мбиара во врска со Американската болница е неточна и измислена и сериозно го нарушува угледот на нашата компанија во регионот, тврдат од Американската болица во Тирана.
Писмото е испратено до медиумите кои објавија информации дека лекарката им наплаќала на пациентките за услуги кои се бесплатни.
Мбиара работи како специјалист во гинеколошката ординација во поликлиниката во Шуто Оризари. На ова работно место ја донесе претходниот министер за здравство, Арбен Таравари, откако со години на жените во Шуто Оризари не им беше обезбеден матичен гинеколог.
Како што тогаш беше презентирано, Мбиара има долгогодишно работно искуство, меѓу другото и во Американската болница во Тирана.
За истото таа се пофалила и во интервјуто за порталот „Мајка и дете“:
„Доаѓам од Албанија кадешто и ги завршив студиите на Медицинскиот факултет во Тирана, почнувајќи од 2000. година, заклучно со 2006. По завршувањето на медицинските студии, имав двегодишна пракса во државната клиника во Тирана и тоа во период од две години ( 2006.-2008. година). Специјализацијата по гинекологија ја завршив во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство– Koço Gliozheni и по завршувањето на специјализацијата со просек 9,9, веднаш добив понуда за работа во американската болница во Албанија кадешто работев се додека не се преселив со моето семејство во Гостивар. Значи, од лични причини, за да бидам заедно со моето семејство, заеднички ја донесовме одлуката да дојдеме во Македонија, односно токму тоа беше и причината што дадов оставка во болницата кадешто работев и дојдовме тука заедно со фамилијата“, рекла таа во интервјуто.