Американската амбасадорка во Тирана, Јури Ким, испрати јасна порака дека САД ќе продолжат да ги интензивираат напорите за соочување со корупцијата и да бараат одговорност од корумпираните актери во Албанија, јави агенцијата Балкан веб.
Според неа, тоа е поради фактот што „сакаат Албанија, како пријател и сојузник во НАТО, да ја видат посилна и побогата“.
Како што јави дописничката на МИА од Тирана, таа додала дека „корупцијата претставува ранливост на националната безбедност, ги ограничува и нарушува инвестициите и ја поткопува демократијата“.
– САД продолжуваат да ги интензивираат напорите да се спротивстават на корупцијата и да бараат одговорност од корумпираните актери. Зошто? Затоа што сакаме да ја видиме Албанија – наш пријател и сојузник во НАТО – да стане посилна и побогата. Корупцијата претставува ранливост на националната безбедност, ги ограничува и нарушува инвестициите и ја поткопува демократијата, изјави Ким.
Таа оцени дека албанските институции напредуваат против корупцијата, но оти има уште многу да се направи, нагласувајќи дека борбата против корупцијата е еден долг и тежок процес, но успехот е можен.
– За време на оваа 100-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу САД и Албанија, нашата посветеност кон албанскиот народ е посилна од кога било. Патот напред, кон членството во ЕУ, до правдата можеби е тежок, но САД остануваат одлучни да бидат покрај вас на секој чекор од патот за да можеме заедно да одиме напред. Секогаш напред, секогаш заедно, порача амбасадорката Ким