Американската амбасада ги предупреди своите граѓани во Москва да избегнуваат собири во следните 48 часа

by Fokus

Амбасадата на САД во Русија ги предупреди американските граѓани да избегнуваат големи собири во Москва поради извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови за напад.

Амбасадата на САД, која повеќепати ги повика американските граѓани веднаш да ја напуштат Русија, не сподели повеќе детали за природата на наводната закана, но предупреди дека граѓаните треба да избегнуваат гужви и да бидат свесни за нивната околина, наведува Ројтерс.

„Амбасадата ги следи извештаите дека екстремистите имаат непосредни планови да таргетираат големи собири во Москва, вклучително и концерти, а на граѓаните на САД им се препорачува да избегнуваат големи собири во следните 48 часа“, се вели во соопштението на американската амбасада на својата веб-страница.

Во четвртокот Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија спречила терористички напад на украинските специјални служби во кој учествувал државјанин на Белорусија во Руската Република Карелија, кој бил неутрализиран откако отворил оган врз членовите на ФСБ, соопшти Центарот за односи со јавноста.

Се посочува дека во деловите од импровизираната експлозивна направа имало делови произведени во Велика Британија и САД.

Кремљ објави дека односите меѓу Москва и Вашингтон никогаш не биле полоши и дека САД се борат против Русија поддржувајќи ја Украина со пари, оружје и разузнавачки информации.

Поврзани новости