Американската поддршка на португалското претседателство и напорите за отпочнување на пристапниот процес ја нагласил Дерек Шоле, советникот на Стејт департментот и посебен советник на државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, во телефонски разговор со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Како што соопштија од МНР, соговорниците се надоврзаа на точките кои беа разговарани во април годинава, односно статусот на европското досие на нашата држава, и актуелните можности за пробив на европскиот пат за време на португалското претседавање со Советот на ЕУ.
Вицепремиерот Димитров во разговорот ја нагласил важноста на ова прашање во контекст на иднината на процесот на проширување на ЕУ со земјите од регионот, што има силни геополитички импликации во однос на стабилноста и сигурноста на регионот и континентот.
– Пристапувањето на Западниот Балкан кон Европската Унија претставува инвестиција во стабилноста бидејќи европската визија за регионот подразбира демократија, владеење на правото, заемна соработка врз основа на почитување и заеднички вредности и интереси, наспроти истакнување на важноста на границите, поделбите и разликите како антипод на оваа идеја – нагласил Димитров.