Поранешната службеничка Тара Рид која го обвини американскиот претседател Џо Бајден за сексуален напад, пребегна во Москва. Таа разговараше со руските државни медиуми на прес-конференција која траеше неколку часа, јавува Си-Ен-Ен.
За време на претседателската трка во 2020 година, Тара Рид го обвини тогашниот кандидат Бајден дека сексуално ја вознемирувал и ја нападнал додека работела во неговата канцеларија во Сенатот во 1993 година.
Бајден жестоко ги негираше нејзините тврдења, а ниту еден поранешен соработник на Бајден не посочи дека некогаш биле сведоци или слушнале за каков било вид сексуална злоупотреба во неговата канцеларија во Сенатот.
Во интервју за „МС НБС“во 2020 година, Бајден рече дека тоа никогаш не се случило.
Нејзиниот кредибилитет тогаш бил доведен во прашање, пишува Си-ен-ен.
Откако неколку години беше надвор од вестите, Рид се појавила во Москва вчера, каде седела покрај осудената шпионка на Кремљ, Марија Бутина и одговараше на прашања од руските државни медиуми.
Во 2019 година, Бутина беше осудена на 18 месеци во американски затвор за заговор дека дејствува како нерегистриран странски агент, а сега работи во рускиот парламент во партијата на претседателот Владимир Путин.
Рид рече дека одлучила да дојде во Русија по смртните закани што ги добила оваа година, откако ги повторила нејзините наводи за Бајден и на Твитер напишала дека е подготвена „да сведочи под заклетва пред Конгресот доколку тоа биде побарано“.
„Кога излегов од авионот во Москва, за прв пат по долго време се чувствував безбедно, слушнато и почитувано. Тоа не се случи во мојата земја“, рече Рид.
Си-Ен-Ен пишува дека не можеле да ги потврдат нејзините тврдења дека добивала смртни закани.
Рид рече дека „оваа илузија на Русија како непријател ја пропагираат неколку елити во Вашингтон кои се решени да предизвикуваат проблеми“.
Бутина за време на прес-конференцијата вети дека ќе разговара за можноста за доделување руско државјанство на Рид и дека ќе побара од Путин „да го забрза нејзиното барање за државјанство“.