Американски државјанин со руско потекло, кој веќе е во руски затвор поради наводно примање мито, доби уште една казна, сега 15 години затвор, наводно за шпионажа.
Московскиот суд го обвини Џин Спектор за шпионажа во август 2023 година.
Детали за случајот не беа објавени, судењето се одржа зад затворени врати. Покрај строгата затворска казна, судот изрече и парична казна од 14 милиони рубљи (134.000 евра), пишува Риа Новости.
Американскиот Стејт департмент соопшти дека е запознаен со извештаите за пресудата на американски државјанин во Русија и дека ја следи ситуацијата.
Спектор, поранешен извршен директор на компанија за медицинска опрема во Русија, претходно беше осуден на 3,5 години затвор во септември 2022 година за наводно помагање на поткупот на помошник на поранешниот вицепремиер Аркадиј Дворкович.
Споменатата асистентка Анастасија Алексеева во април беше осудена на 12 години затвор за примање мито за две скапи патувања во странство.