Америка подготвува санкции против Путин ако ја окупира Украина

by fokus

Американските сенатори демократи имаат подготвено нацрт закон за пакет санкции за рускиот претседател Владимир Путин во случај Москва да изврши воена окупација на територијата на Украина, јави денеска Вашингтон пост.

Според весникот, Белата куќа го поддржува нацрт законот.

Спонзор на документот е Роберт Менендез, демократ од Њу Џерси, претседавач со Комитеот за надворешни работи во Сенатот. Тој изјави дека законот испраќа јасна порака до Русија: „Путин нема потреба да ја уништи целата економија, ниту треба да ги жртвува животите на своите сонародници во напразен обид да ги прекрои границита на Европа“.

Постои уште еден нацрт закон за казнени мерки против Русија во случај на ескалација на конфликтот со Украина подготвен од сенаторите републиканци. Документот се однесува на гасоводот „Северен тек-2“ од Русија до Германија, по дното на Балтичкото Море.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден претходно ја напушти идејата за санкции против „Северен тек-2“. Вашингтон тоа го направи од загриженост дека таквите дејства ќе ги поткопаат односите на САД со сојузниците.

Гласањето за санкциите во Сенатот е закажано за 14 јануари.

Поврзани новости