Не мислев дека тоа е можно во Америка, Амрика оди по ѓаволите, изјави Доналд Трамп во вторникот вечерта откако стана прв американски претседател кој бил уапсен и се соочил со обвинение што му беше прочитано неколку часа претходно во судот во Њујорк.
– Единствениот прекршок што го направив беше тоа што бестрашно ја бранев нашата земја од оние кои сакаат да ја уништат – рече поранешниот претседател, нарекувајќи го обвинението „навреда за нацијата“, во обраќањето пред поддржувачите од неговата резиденција во Мар-а- Лаго, Флорида.
Тој, исто така, рече дека судијата во овој случај е „судија кој го мрази Трамп“, но не понуди никаков доказ за да го поткрепи неговото тврдење дека ги презеле своите дејствија за да ја спречат неговата кандидатура за претседателските избори.
Поранешниот американски претседател ѝ се обрати на јавноста од истата сала во Мар-а-Лаго каде што ја објави својата трета кандидатура за Белата куќа на 15 ноември.
Неколку часа претходно, Трамп (76) се изјасни за невин за фалсификување сметководствени документи пред судот во Менхетен, на сослушување кое ги разбранува страстите во земјата.
Откако ја напушти судницата како слободен човек, без судски надзор, Трамп ќе се обиде да го спречи судењето во јануари 2024 година, само неколку месеци пред претседателските избори за кои се кандидираше.
Трамп е обвинет дека во 2016 година ја платил порно-актерката Сторми Даниелс за да молчи за нивната врска пред претседателските избори. Даниелс рече дека и платил 130.000 долари за тоа. Трамп ги отфрла обвинувањата и тврди дека тие се политички мотивирани.