Амди Барјам во последниот разговор за ,,Фокус”: Заврши мојата ера, ама сите ќе ме памтат!

by fokus

Реџеп Али Купи, кој околу десет години беше на функцијата директор на Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците и припадниците на заедниците и важеше за десна рака на Амди Бајрам, и негов многу близок пријател и соработник, во телефонски разговор за ,,Фокус” ја потврди веста за смртта на поранешниот пратеник и претседател на СРМ.

-Семејството Бајрам ми ја јави лошата вест. Бидејќи работам во Белград, веднаш тргнав на пат, се враќам во Скопје. Трогнат сум, немам зборови. Не знам што се случило, ова дојде сосема неочекувано, колку е само животот непредвидлив – вели Али Купи.

Амди Бајрам, кој беше актуелен на политичката сцена цели 26 години, не дочека да ужива во пензионерските денови. Во изјава за ,,Фокус” од пред две недели, тој раскажа дека се надева како пензионирањето ќе му донесе повеќе слободно време за семејството и приватниот живот, но порача дека не се откажува од своите секојдневни активности во Сојузот на Ромите, каде останува на функцијата претседател.

-Верувам дека и после мене, во парламентот ќе се најдат млади и амбициозни политичари Роми, кои ќе се борат за народот. Комплимент ми е кога ќе ми кажат дека сум еден од најпопуларните политичари Роми во земјава, чие име го знаат сите. Иако пензионирањето ќе ми донесе повеќе слободно време, сепак јас ќе си останам посветен на Сојузот на Ромите, ќе гледам да допринесувам за општеството колку што можам, и на овие години- ни изјави Бајрам, кој ја основаше партијата СРМ во 1996 година.

Тој со години наназад се бореше со дијабетес, но имаше и проблеми со срцето.

Поради влошената здравствена состојба му беше извршена ампутација на ногата, и тогаш ни изјави дека се помирил со судбината, и гледа само напред.

-Сега сум во количка, но наскоро ќе ставам протеза. Што е тука, тоа е, нема бегање. Се привикнувам на новата состојба, имам големо семејство, сите се тука околу мене, не се жалам на ништо – раскажуваше Бајрам.

Во јули пак, на социјалните мрежи се прошири вест дека починал. За ,,Фокус”, во телефонски разговор тогаш порача дека не може да се изначуди каков свет има.

-Само во Македонија изгледа доаѓа ред да треба човек да ја демантира својата смрт. Жив и здрав сум, тој кој ја објавил таа лажна вест, со самиот гест покажува за себе, каква личност е. Семејството ми го вознемири, на чест нека му стои – ни изјави во таа прилика Амди.

Минатата недела, повторно беше во центарот на вниманието, кога поради забраната за свадби во земјава, направи свадба за внуката Перјан во Истанбул, Турција, на брод.

-И тогаш за ,,Фокус” раскажа дека е свесен за критиките кои ќе следуваат по настанот, но сепак не прекршил ниту еден закон во земјава и не сакал да чека повеќе да се одложува семејната веселба, која ја планирале уште од пред една година.

Негови блиски велат дека како да имал предчувство дека му се ближи крајот, па затоа брзал и го собрал семејството и пријателите, за последен пат да ги види сите заедно како се веселат. На последните фотографии од него, направени на веселбата, се гледа како тој седи опкружен со своите деца, внуци и сопругата Перјан, и смирено ја гледа својата фамилија додека се весели покрај музичарите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости