Синоќа во хотелот ,,Александар Палас’’ се одржа триесет и осмиот по ред традиционален Ромски бал, под покровителство на Сојузот на Ромите во Македонија. Настанот кој што секоја година привлекува стотици гости од целиот свет поминал спектакуларно и овојпат, а Амди Бајрам, претседателот на СРМ вели дека е задоволен од целокупната организација и атмосфера.
„Оваа година имавме дури 1490 гости на традиционалниот бал. Дојдоа луѓе од цела Европа, од Канада, од Австралија… Пристуните ги забавуваа 17 пејачи, помеѓу кои Мухарем Сербезовски, кој што дојде дирекно од турнејата од Америка, Рико Бенд од Бугарија, Звонко Демировиќ, Ахмет Расимов, Џемаил Гаши, Јужни ритам, Таркан од Белгија и други. Пред да започне балот, ги собрав пејачите, и заедно ги повикавме гостите на едноминутно молчење, за да и оддадеме почит на нашата најголема ромаска музичка ѕвезда, Есма Реџепова. Потоа сите заедно ја отпеаја песната „Џелем, џелем“ и присутните беа трогнати од тој гест. Цела сала пееше и плачеше, тоа беше доста емотивен момент. Есма заслужува многу повеќе и не смееме да ја заборавиме, посебно на еден ваков настан. Забавата беше на ниво, а се избра и најубава ромка. Многу ми е драго што балот го следеле дури 300.000 гледачи низ целиот свет, а го пренесуваше „24 Вакти“ – ни изјави во телефонски разговор Бајрам.
Тој додава дека од политичарите, присутни биле Сашо Мијалков, кој што традиционално бил и кум на манифестацијата, Никола Груевски и Спиро Ристовски.
„Мијалков е кум на Ромскиот бал и негова задача секоја година е да и ја стави златната круна на најубавата Ромка. Тој си ја изврши должноста како што е редот, и остана до крајот на забавата. Груевски и Спиро се задржаа околу еден час, но драго ми е што не испочитуваа со своето присуство. Балот беше гламурозен, гостите весели и задоволни, и да се надеваме дека и наредната година ќе имаме убава дружба“ – раскажа Амди.
Лани на балот биле присутни околу 1250 гости, а неговата популарност секоја година се повеќе растела. Мината година, исто така, најубавата Ромка беше крунисана од страна на Мијалков, и добила парична награда од 250 евра, а пак останите две придружнички добиле по 100 евра. Оваа година, не беше соопштено какви награди добиле убавиците.
Вики Клинчарова