Жив и здрав сум, си седам во штабот. Веста дека сум починал, која се прошири на социјалните мрежи, не знам кој ја иницирал прв, само зборува за него каква личност е. Ако, свикнат сум јас на се, вредам, па затоа и вакви ниски удари има врз мене. Го умираа и Чак Норис, го умреа пред некој месец и градоначалникот на Чешиново – Облешево кога беше инфициран од корона вирус. Значи, само во нашата земја има ситуации кога човек треба да демантира дека умрел. Срамота! – во телефонски разговор за ,,Фокус” изјави лидерот на Ромите, Амди Бајрам.
Веста дека тој починал денес се прошири на социјалните мрежи. Бајрам, на кого пред неколку месеци му беше ампутирана ногата поради проблеми со шеќерот во крвта, вели дека добро се рехабилитира и се привикнува на новите околности.
-Продолжувам со моите секојдневни активности, не се свртувам по сите кои удираат по мене. Оној кој ја пласирал веста за мојата смрт, намерно, со цел да ми ги вознемири блиските, па и мене, се гледа од неговата постапка што човек е. Господ е голем и гледа, не прави на другиот тоа што не сакаш тебе да ти го направат – вели Бајрам.
Додава дека за неколку часа ќе замине на гласање, па сите кои не веруваат дека е жив, можат да дојдат и да го фотографираат на гласачкото место.
-Нека повелат, нека ме фотографираат додека го давам својот глас. Со оваа кампања или подлост, ме ставија на листата на вредните холивудски ѕвезди, кои редовно лажно ги умираат на социјалните мрежи, нормално бидејќи вредат. Не верував дека и ова ќе го доживеам, да појаснувам дека не сум умрел – изјави Амди Бајрам.
Вики Клинчарова