Претседателскиот кандидат и лидер на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам, за ,,Фокус” открива како реагирало неговото семејство за одлуката да се вклучи во трката за прв човек на државата.
Вели дека целото семејство веднаш без размислување му ја дало поддршката, освен сопругата Перјан, која на почетокот, кога и ја соопштил веста, покажала загриженост.
-Перјан на почетокот не беше баш многу расположена затоа што влегувам во претседателската трка, но потоа омекна и ми ја даде поддршката. Нејзината грижа можам да ја разберам. Имав здравствени проблеми во минатото, и токму поради моето здравје таа реагираше на тој начин. Тоа е нормална реакција на секоја сопруга која се грижи за својот животен сопатник. Но, сега сум добро, здравјето ми е во ред и имам сила да ја истуркам работата како што треба, до крај. Останатите членови на семејството уште веднаш ми кажаа дека ова е добар чекор и ме поддржуваат во сите мои одлуки – тврди пратеникот.
Околу тоа со што се занимава Перјан и дали и е предизвик да стане прва дама во државата, Бајрам вели дека постепено се прилагодувала на новата ситуација, и доколку победел на изборите, верува дека неговата сопруга одлично ќе се снајде во новата улога.
-Секој почеток е тежок. Знам дека кога Перјан би станала прва дама, на почеток ќе и треба време, прилагодување, но таа ќе се покаже во вистинското светло. Мојата сопруга цел живот е домаќинка, посветена е на семејството. Во душата е голем хуманист. Убеден сум дека со тек на време би можела да се истакне во организирање и иницирање на разни хуманитарни акции, како што тоа го прави и госпоѓата Маја Иванова. Ќе се однесува како што и треба да се однесува една прва дама, ќе ги следи сите настани, ќе даде свој придонес на повеќе полиња. Но, на крај, што и да се случи, на моето семејство и мене, најважно ни е тоа што јас ќе оставам еден траг и ќе биде запишано во историјата дека сум бил кандидат за претседател – изјави Амди.
Тој вети дека во блиска иднина ќе направи и професионална фото сесија со најблиските, со цел јавноста подобро да ги запознае членовите на неговото семејство.
Вики Клинчарова