Амди Бајрам: Ги почитуваме одлуките на власта, свадбата на Перјан ќе почека!

by fokus

Лидерот на Сојузот на Ромите, Амди Бајрам ја откажал свaдбата на внуката Перјан, која претходно била закажана во ресторан во Шуто Оризари. Покана за семејната забава на која пишува дека ќе се одржи утре, беше објавена на социјалните мрежи, по што се покрена лавина на реакции, бидејќи свадбите се забранети поради пандемијата со корона вирус.

Во телефонски разговор за “Фокус” Бајрам појаснува дека нема да има ништо од најавената свадба, бидејќи ги почитува одлуките на здравствените власти.

-На внуката Перјан, која го носи името на мојата сопруга, и правевме веридба пред повеќе од една година. Свадбата секако дека ни беше во план, поради вирусот постојано одложувавме, мислевме дека до октомври ќе се смири состојбата со пандемијата, но не излезе така. Свадбата е откажана, гостите се известени. Ќе чекаме да дојдат подобри времиња, не сакаме да биде загрозено ничие здравје – вели лидерот на Ромите, а до неодамна и пратеник, кој сега е веќе во пензија.

Околу пензионирањето и шпекулациите дека добил апанажа, вели дека истата му следувала само во рок од 21 ден, поради возраста.

-Веќе имам 64 години, нема ништо од приказните дека сум добил апанажа во рок од една, па дури и две години, се работи за само 21 ден. Не сакав ништо да демантирам, не е прв пат за мене да се пишуваат непроверени вести. Се збогував со парламентот, време ми е да се одморам од него, но се уште си останувам на чело на Сојузот на Ромите, таму си продолжувам со моите активности – појаснува Бајрам, кој беше активен во политиката цели 26 години, откако во 1994 година стана пратеник како член на Партија за целосна еманципација на Ромите.

Во 1996 година ја основаше партијата СРМ и стана нејзин претседател.
Несомнено, тој е еден од најпопуларните политичари Роми во земјава. Вели дека со неговото пензионирање, на некој начин завршува ерата на Амди во парламентот, но се надевал дека во политиката ќе дојдат нови лица, млади Роми кои уште повеќе ќе допридонесат за нивна еманципација и рамноправност.

-Верувам дека и после мене, во парламентот ќе се најдат млади и амбициозни политичари Роми, кои ќе се борат за народот. Комплимент ми е кога ќе ми кажат дека сум еден од најпопуларните политичари Роми во земјава, чие име го знаат сите. Иако пензионирањето ќе ми донесе повеќе слободно време, сепак јас ќе си останам посветен на Сојузот на Ромите, ќе гледам да допринесувам за општеството колку што можам, и на овие години. А за сите оние, кои денес се загрижија за свадбата, да им порачам дека напразно се реагираше, во никој случај не би ја прекршил забраната. Ќе има подобри времиња и за свадби и за други веселби – изјави Бајрам.

Вики Клинчарова

Поврзани новости