Пратеникот Амди Бајрам го праша денеска премиерот, Зоран Заев, дали размислува да вработи советник од ромска националност во неговиот Кабинет. Според Бајрам не е важно кој ќе биде, туку важно е да биде образуван, а такви Роми, рече, има.
Заев одговори дека во текот на април има намера да го пополни слободното место – советник за ромски прашања.
– Јас познавам многу квалитетни Роми и верувам дека ќе се мотивираат да конкурираат. Се надевам на квалитетни кадри, за да може Роми да се борат за ромските прашања – рече Заев.
Бајрам на денешната седница за пратенички прашања го праша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски зошто на конкурсите што ги објавува МВР не се вработуваат Роми и кога тие ќе бидат рамноправни со другите.
-Министерството има распишано конкурс минатата година за прием на нови полицајци и оти според законот се избираат 550 полицајци.Во селекцијата досега според информации од Комисијата имаме различна национална структура во однос на кандидатите. Јас очекувам на крајот на селекцијата да имаме доволно кандидати кои припаѓаат на сите заедници, вклучително и на ромската – рече Спасовски.
За жал, како што посочи, точно е дека на изминатите конкурси нема ниту еден вработен од ромска националност.