Амбасадорот на ОБСЕ: Важно е земјата да спроведе попис по 20 години

by Фокус

По речиси 20 години важно е земјата да спроведе попис кој ќе и овозможи на Владата да креира и спроведе политики за доброто на граѓаните врз ажурирани податоци, вели во видео интервју за МИА шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

-Охрабрувачки е тоа што некои од опозициските партии го поддржаа усвојувањето на Законот за попис, дури иако не постоеше целосен консензус. По речиси 20 години, важно е земјата да спроведе попис, бидејќи тоа ќе им овозможи на владините институции да развиваат и спроведуваат политики за доброто на граѓаните врз основа на ажурирани податоци. Според мое гледање законот бил подготвен според најдобрите практики и стандарди од различни институции со надлежност во оваа област, како што се Економската комисија за Европа на ООН и Евростат – вели Која.

Во однос на барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ оваа обемна статистичка операција да се спроведе електронски, Која посочува дека ова прашање не е во мандатот на ОБСЕ.

– Земјите учеснички во ОБСЕ користат различни модели. Многу земји учеснички планираат да спроведат попис оваа година. Статистичката операција оваа година ќе биде предизвик особено со оглед на пандемијата на Ковид-19. Важно е за Владата да воспостави јасни протоколи за да се осигура безбедноста и здравјето на попишувачите на теренот и на домаќинствата кои ќе бидат анкетирани. Искуството од предвремените парламентарни избори во јули 2020 година ми влева доверба дека ќе бидат испочитувани утврдените протоколи – вели Која.

Поврзани новости