Амбасадорката е повикана во бугарското МНР поради договор што го потпишала ВМРО-ДПМНЕ“ вели Османи

by Fokus

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека македонската амбасадорка во Софија била повикана во бугарското МНР поради „договор на ВМРО-ДПМНЕ направен со Бугарија од 1999-та“.

„Во 1999 година, Владата на ВМРО-ДПМНЕ има потпишано изјава со премиерот на Бугарија, Костов и во еден член во изјавата стои дека Северна Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на Бугарија по однос на малцинските права. Не ја бранам позицијата на Бугарија, ви кажувам што и кажале на амбасадорката по однос на тоа прашање. Тие се повикуваат на изјавата од 99-та година“, рече Османи во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5.

Во однос на претстојните претседателски избори, Османи очекува да влезе во вториот круг и потенцира дека ДУИ нема да повика за бојкотирање на изборите доколку нивниот кандидат не помине во вториот круг.

„Недвосмислено ќе имам повеќе гласови од Таравари, единствениот сум во оваа држава кој има контакти на сите континенти. Ако зборуваме за мојата кандидатура за претседател, мислам дека е специфична кандидатура која дава можност еднаш на претседателските избори, граѓаните да одлучат за кандидат, а не само за политичка партија или етничка заедница. ДУИ никогаш не предизвикува кризи во оваа држава, напротив решава кризи. На никој начин ДУИ нема да биде причина за било која криза во државата. Нас ни е најважно да продолжи европскиот пат. Тоа го очекуваат граѓаните“, рече Османи, посочувајќи дека еден од столбовите во неговата програма е изборот на претседател на државата да се избере во Собранието.

Османи предлага сите кандидати за шеф на државата да помиинат низ ветинг пред нивното официјално номинирање.

„Јас сум подготвен да се изложам на целосен ветинг од сите можни институции да видат дали сум примил било што во животот надвор од платата. Предлагам сите кандидати пред официјално да се номинираме, да поминеме низ ветинг“, рече Османи.

Поврзани новости