Амбасадата на САД се дистанцира од договорот што Владата го потпиша со турско-американскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д
„’Бехтел’ не е ентитет на американската влада и ова не беше договор на американската влада. Иако Амбасадата на САД не е вклучена во одредувањето на исходот од приватните инвестиции, поттикнувањето на економскиот развој и комерцијалното партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија останува една од примарните мисии на Амбасадата. Амбасадата понекогаш служи како советодавен капацитет за деловната клима во Северна Македонија за американските компании кои сакаат да се прошират овде, но не презема никаква улога во преговорите или диктира услови за каков било договор. Прашањата за преговарачкиот процес и резултатите треба да се упатат до преговарачките страни“, велат од амбасадата за „Алфа“.
На потпишувањето на договорот со конзорциумот чијшто дел е „Бехтел“ – најголемата американска градежна компанија, како и на церемонијата за поставување камен-темелник на делницата од Коридорот 8, присутна беше и амбасадорката на САД, Анџела Агелер. Но, во одговор до телевизијата „Алфа“, од амбасадата велат дека оваа фирма не е ентитет на американската влада и дека тие не се дел ниту од преговорите, ниту имаат некаква улога во условите од договорот.