Новите апарати за томографски магнетни резонанци и ултразвучниот апарат во Градската општа болница „8 Септември“ ќе го зголемат капацитетот за 50 проценти, односно плус 15 пациенти дневно, што претставува голема предност за брза дијагностика на тешко болни пациенти.
Оваа опрема во новиот дијагностички центар за магнетна резонанца при ГОБ „8 Септември“ е донација од Амбасадата на Италија во земјава, како дел од Програмата за рационализација на управувањето и модернизација на биомедицинската технологија во здравствениот сектор.
На отворањето на центарот денеска присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, министерот за здравство Беким Сали, директорот на ГОБ „8 Септември“, Христијан Костов, како и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Како што беше посочено на денешната презентација, овој апарат е наменет за сите мускулно скелетни апликации, со нов пристап на дијагностика на магнетна резонанца. Магнетот и пациентот можат да ротираат од нула до 90 степени, со што пациентот може да се постави во стоечка состојба при скенирањето.
Директорот на болницата, Костов изрази особена благодарност за оваа донација и за несебичната помош од страна на Амбасадата на Италија.
– Апаратите се набавени во рамки на поголема набавка во вредност од 1,1 милион евра. Во тек е и обука на кадарот кои би требало да почнат со работа со пациенти. На почетокот се планираат по 15 пациенти дневно, а со текот на времето тој број ќе се зголеми. Само за илустрација, на годишно ниво во оваа болница околу седум илјади пациенти се снимаат на магнетна резонанца. Паралелно со новата апаратура, комплетно е реновиран и просторот со средства на установата, информираше министерот за здравство Сали.
Италијанскиот амбасадор Силвестри порача дека пријателството во кое Италија зазема водечка улога е се со цел Северна Македонија да се придвижи кон европските стандарди.
– Во овој процес Италија сака да ја даде поддршката на конкретен начин со бројни иницијативи за соработка, од земјоделски сектор се до одбрана. Здравствениот сектор заслужува посебно внимание, бидејќи се соочува со тешки предизвици особено по пандемијата со Ковид-19, додаде амбасадорот.
Премиерот Ковачевски во своето обраќање истакна дека ниту во време на најголемите кризи, Владата не запира со вложувањето на квалитетни услуги за пациентите и подобри услови за работа на здравствените работници.
– ГОБ „8 Септември“ има исклучително важна улога во нашето здравство како најголема болничка установа и во најголемите кризи била секогаш тука прва да одговори и да се справи со предизвиците. Оваа болница презеде голем товар во време на коронавирусот и им честитам на персоналот, изјави шефот на Владата.
Додаде дека овие два апарати се само дел од серијата на вложувања за подобар и поефикасен здравствен систем за граѓаните и потсети дека реформите и инвестициите во здравството се приоритет во програмата на Владата.