Амабасадата на Соединетите Американски Држави во Косово по повод одбележувањето на 20-годишнината од злосторствата врз цивилното население во последната војна, побара денеска да се престане со негирањето на тие злосторства и со „потпалувачката реторика“ од политичарите од сите етнички заедници во земјата, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во екот на одбележувањето низ повеќе места на Косово на масакрите врз цивилното население за време на косовската војна во 1999 година, Амбасадата на САД се огласи со соопштение, во кое им изрази сочуство на семејствата на тогашните жртви.
На реакцијата на американското претставништво во Приштина претходеше разрешувањето на министерот од редовите на Српската листа во Владата на Косово, Иван Теодосијевиќ, поради неговата изјава дека масакрот на 45 цивили во селото Речак во јануари 1999 година бил „измислен од албанските терористи“. Владата на Рамуш Харадинај, освен што го разреши Теодосијевиќ, реагира и со иницијатива за донесување закон со кој ќе се казнува негирањето на српските злосторства врз цивилното население во Косово.
Според Амбасадата на САД, „негирањето на воените злосторства во Косово ги навредува спомените на жртвите и го минира напредокот во создавањето демократска и мултиетничка држава“.
– Посветувањето на вистината за военото минато е од животно значење за мирна иднина, се истакнува во соопштението на американското дипломатско претставништво во Приштина.
Амасадата на САД бара од косовските лидери од сите етнички заедници да се воздржат од реториката која може да наштети на градењето на мирот.
– Додека Косово се сеќава на 20-годишнината од воените злосторства, Амбасадата на САД изразува искрено сочувство до семејствата на жртвите. Негирањето на воените злосторства во Косово ги навредува спомените на жртвите, ги трауматизира уште повеќе нивните семејства и го минира напредокот во создавањето демократска и мултиетничка држава. Исто така ги поттикнуваме косовските лидери од редовите на сите етнички заедници да се воздржат од потпалувачката реторика, се вели во соопштението на Амбасадата на САД во Приштина.