Амбасадата на САД им честита на граѓаните на Македонија кои го искористија своето право на глас за време на локалните избори во октомври 2017. Ги поздравуваме прелиминарните заклучоци на ОБСЕ/ОДИХР дека изборите беа компетитивни и дека почитувањето на основните слободи придонесе кон подобрување на демократскиот процес. Овие заклучоци се во согласност со она што нашите тимови го забележаа за време на првиот и вториот круг од изборите, велат од Амбасадата на САД за изминативе локални избори.
„Таму каде што постои загриженост за неправилности и злоупотреби, повторно препорачуваме на граѓаните да ја искористат соодветната процедура и да ги пријават, а на релевантните власти, брзо да ги адресираат. Исто така, препорачуваме на Државната изборна комисија и на други релевантни владини тела да го искористат периодот по овој изборен процес за да се фокусираат на препораките на ОДИХР што беа дадени по изборите во 2016 и во 2017 година. Со ова ќе се зајакнат идните изборни процеси. Силна локална власт обезбедува основи за една динамична демократија. Ги охрабруваме новоизбраните градоначалници и советници да бидат отворени, достапни и одговорни за граѓаните во своите општини. Амбасадата ќе ја продолжи соработката со општините, организациите и граѓаните за да се унапредат клучните реформи на локално ниво“, велат од амбaсадата на САД во земјава.